Мени

Свети Никола - Дедо Мраз во православието

19.12.2013 08:41 | KumanovoNews

Свети Никола посетувал семејство на еден сиромав човек секогаш пред да ги омажи ќерките и покрај нивните кревети, во чорапите, им оставал златници. Од таму потекнува и приказната за Дедо Мраз, која е инспирирана од вистинскиот живот на овој светител.

Свети Никола - Дедо Мраз во православието

Најголем дел од православните христијански верници во Куманово денеска го слават Свети Никола – светецот заштитник на градот. Името на овој светител го носи и соборниот храм во Куманово, познат како Стара црква, кој денеска е преполн со верници од целиот регион.

Свети Никола е роден во Ликија, во Мала Азија. По смртта на неговите родители, целото свое богатство го поделил на сиромашните. Се борел против ересите и за време на владеењето на царот Диоклецијан бил затворан поради проповедање на христијанската вера. Во времето на цар Константин бил ослободен, а токму тој цар го свикал Првиот вселенски собор.

Иако по природа бил кроток, Свети Никола на соборот му удрил шлаканица на еретикот Ариј, по што бил затворен. Истата вечер, според преданието, Христос и Пресвета Богородица им се јавиле на епископите и побарале Свети Никола да биде ослободен и вратен на престолот, бидејќи е праведен.

Народот посебно го ценел и сакал и затоа што секогаш им помагал на сиромашните.

„Имало еден човек кој имал три ќерки, а немал пари за мираз. Свети Никола го посетувал пред секое нивно мажење и до креветите, во чорапите, им оставал златници. Од таму потекнува приказната за Дедо Мраз, инспирирана од вистинскиот живот на овој светител. Го славиме поради неговата љубов. Неговите мошти во 11 век се пренесени во Бари, каде што и денес верниците можат да им се поклонат“, вели свештеникот Игор Здравковски од Кумановско-осоговската епархија.

Здравковски нагласува дека кумановските верници имаат особена почит кон Свети Никола. На некои од нив славата им е наследена, други ја слават како именден, а трети по своја волја го избираат Свети Никола за домашен празник.

„Имав можност деновиве да видам две икони стари по околу 100 години, во различни семејства. Тие се наследени од дедовците и до ден-денес се чуваат со голема почит. Верниците го доживуваат Свети Никола како многу близок, како топла, родителска личност која се моли за здравје и спасение“, додава Здравковски.

Пред празникот, граѓаните постат, а ден пред славата сечат колач во црква. За празничната трпеза подготвуваат традиционални посни јадења.

„Гостите ги пречекувам со посно гравче на тавче, посна сарма, пржена и печена риба, сезонски салати и десетина видови посни колачи. Се создава убава атмосфера и топлина во домот, бидејќи се собираат најблиските. Порано славите биле за поширок круг на луѓе, но јас и сопругот имаме големи фамилии и на слава секогаш се собираме околу 30 луѓе“, раскажува Милева Илиевска.

Етнологот м-р Анита Ѓоргиоска од НУ Музеј Куманово вели дека Свети Никола припаѓа на циклусот зимски празници, кои се пропратени со бројни обичаи со желба да се обезбеди среќа и напредок на семејството, добар род и здравје на стоката.

„Свети Никола спаѓа во периодот на Божиќните поклади, кои започнуваат на 14, односно 27 ноември по новиот календар, со што започнуваат и божиќните пости што траат шест недели. Поради тоа, славата е посна. Според народното предание, Свети Никола им помагал на сите луѓе, а особено на морнарите и капетаните. Поседувал чудотворна моќ за лекување на разни болести, па затоа е наречен Чудотворец и од црквата е прогласен за светец. Многу семејства го слават како свој куќен патрон, односно слава, а во народот празникот се смета за еден од најголемите“, вели Ѓоргиоска.

Главни обележја на празникот се колачот, свеќата и виното, а овој ден го слават и сите кои го носат името Никола или Николина, додава етнологот.