×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Божиновски со отворено писмо до Димитриевски за состојбите во КК Куманово

    04.05.2023 17:01 | KumanovoNews

    Извршниот директор на КК Куманово, Виктор Божиновски, реагира на изјавата на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, за состојбите во КК Куманово.

    Божиновски со отворено писмо до Димитриевски за состојбите во КК Куманово

    Отвореното писмо го пренесуваме во целост:

    НЕПОЧИТУВАН мој школски друже Максо,

    Слушнав вчера како на прес-конференција повторно зборуваш за Кошаркарскиот клуб Куманово и проблемите со кои се соочуваме, за спортот воопшто, па решив да дојдам до интегралниот текст на твоето “стручно“ осрвнување па на една по една од твоите тези да ти објаснам 2-3 работи.

    Прво велиш, дека “Општина Куманово согласно законот има обврска да помага да се развива спортот и спортските активности во градот. Оделуваме сериозни средства за развој на спортот во градот на сите спортски дисциплини. Во минатото постоела одредена пракса во Општина Куманово која веднаш по доаѓање на челна позиција градоначалник уште во првиот мандат ја променив таа пракса и сите средства кои беа предвидени за спортот и развојот на спортот беа директно упумпувани на сметка на кошаркарскиот клуб Куманово под образложение дека се финансира врвен спорт.“ Знаеш што си променил?

    Си променил од клуб кој во мандатот на твојот претходник Зоран Дамјановски беше два пати вице-шампион на Македонија, играше финале на Куп и финале на Балканска лига,а во спортската сала редовно да има по 4000-5000 Кумановци, сега да се бори за опстанок во прва лига... ете тоа си променил!

    Второ велиш “Врвен спорт во категоризација на спорт и спортски гранки не постои“... Ајде де. Научи дека врвен спорт е секое натпреварување од највисок ранг во секоја држава и тоа беше КК Куманово во периодот од 2011 се до твоето доаѓање на чело на градот во 2017 година, а сега сеуште е во тој највисок ранг, уште колку, не знам.

    Понатаму, точно е дека КК Куманово е приватен субјект односно АД кое е регистрирано со имот и е сопственост на приватна фирма. Што е тука спорно? Па кој клуб во Куманово не е приватен клуб? Има ли некој општински клуб во Куманово?

    Трето, или четвро, не е веќе важно, велиш “нас само не интересира каде се трошат општинските пари и на кој начин се трошат и за што. Доколку истите се трошат само за исплата на играчи и плаќање на трансфери на играчи тогаш општината не може да си дозволи луксуз да финансира приватни спортски клубови“. Е да ти објаснам сега нешто.

    Мене не ми е јасно како не ја разбираш проблематиката на “општинското“ финансирање на спортот а веќе 5 години си градоначалник. Ти не пушташ општински пари на клубови туку на Општинскиот сојуз на спортови, така? Општинскиот сојуз на спортови изготвува своја програма која ја усвојува Советот на општината секоја година, а исто така изготвува и Извештај за секоја претходна година во кој се содржани Извештаи од СИТЕ клубови кои се финансираат од ОССК и кој извештај исто така, го усвојува Советот. КК Куманово АПСОЛУТНО СЕКОЈА година дава извештај на Сојузот. Ти изгледа си заборавил дека и јас бев Претседател на ОССК две години па прилично ми се познати овие работи. Тоа се документи кои одат пред Советот и до сега Советот го има усвоено секој извештај. Како тоа не знаеш каде се трошат општинските пари? Па тоа се јавни документи, ти си градоначалник повеќе од пет години, ти дали ги читаш документите кои ги носи Советот на општината или не?

    Исто така велиш дека “Финансиските проблеми кои ги има овој клуб во општината, конкретно во кошарката, се проблеми на клубот. Општина Куманово не е сопственик на овој клуб, ние сме горди на сите клубови кои го носат нашето име. Прочитав многу написи во јавноста зошто се инвестира во спортската сала ако се дозволува кошарката да пропадне. Да ги поставам работите поинаку, зошто општина Куманово во последните 15 години дозволила да се инвестира во приватен кошаркарски клуб многу повеќе од средствата кои ние досега ги имаме вложено во спортската сала“. Аман, разбери дека Општина Куманово не е сопственик НА НИТУ ЕДЕН КЛУБ во Куманово. И, доста се фалиш со таа спортска сала, тебе ти ја даде Владата на Македонија предводена од СДСМ кој секојдневно го навредуваш, а претходно беше сопственост на државата. Извини, како тоа општина ќе инвестира во нешто што е туѓо? Јас не знам до каде ти е таа сала со изградбата ама џабе ќе ја направиш кога нема да има кој клуб да игра врвни натпревари со оваа твоја политика во спортот!

    Покрај тоа тврдиш дека “Согласно законот за финансирање на спортските клубови, секој спортски клуб има право да се финансира преку Агенција за млади и спорт со добивање на ваучер и нашиот кошаркарски клуб и сите останати клубови кои работат во нашата општина согласно резултатите и организацијата која ја имаат поставено врз база на претходна категоризација од АМС добиваат одредени вредносни ваучери кои подоцна ги употребуваат и влечат средства преку истите и ги плаќаат секојдневните сметки.“. Прво, Закон за финансирање на спортски клубови во правната легислатива НЕ ПОСТОИ. Ти нели си “магистер на науки“, би требало да го знаеш ова. Второ, токму ваучерите и нивната реализација е единственото нешто што клубот го држеше во живот до пред неколку месеци, а не средствата кои 5 месеци не сме ги добиле од Сојузот на спортови... НИТУ ЕДЕН ДЕНАР! А имаш обврска на Сојузот да му пушташ средства и за КК Куманово затоа што има Програма на сојузот и Одлука на Советот. Инаку, ти преку сојузот за спортови на КК Куманово за пет години имаш пуштено колку твојот претходник за една. Како тоа да функционита нормално клубот?

    Е сега, јас да те прашам две работи... Прво, дали е точно дека актуелниот Претседател на Сојузот ИМА ЗАБРАНА од тебе да пушта пари на КК Куманово? А, има пари на сметката. Второ, дали е точно дека се јавуваш по приватни фирми да им кажуваш да не пуштаат пари на КК Куманово ниту како спонзорство ниту преку ваучерот?

    Па, побогу човече, ако навистина проблем ти е тоа што Виктор Божиновски е директор на клубот, Виктор Божиновски утре ќе си замине. Ти си Градоначалник, КК Куманово е еден од најстарите клубови во Куманово, помогни му. Викни го сопственикот на клубот кој работи некој тендер за општината, утре нека свика Собрание, нека ме смени, постави си свои луѓе и терај си работа, не е проблем, само помогни му на клубот!!!

    А мојата и твојата лична, политична и правна борба сигурно ќе продолжи, воопшто не мисли дека нема.

    БЕЗ ПОЧИТ,
    Виктор Божиновски
    Извршен директор на КК Куманово