Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кошаркарите на КК „Куманово 2009“ не ги одиграа последните два натпревари во Втората лига, поради што се дисквалификувани во понатамошните натпреварувања. Тие претрпеа два службени порази, што по автоматизам клубот испаѓа, и преминува во Трета лига.
„На домашен терен не се одигра натпреварот против екипата на „Мега баскет“ од технички причини, семафорите во салата на училиштето „Перо Наков“ беа неисправни. Последниот меч немавме средства за исплаќање на судиите и затоа и не излеговме на терените“, велат кусо од клубот.
Поради тешката финсиска состојба неизвесен е опстанокот и се заканува целосно згаснување на клубот.
Од управата се надеваат дека со измените и дополнувањето на Законот за спорт, ќе обезбедат ваучер со кој ќе се исплатат заостанатите обврски и ќе успеат да се одржат до некои подобри времиња.
Агонијата на клубот започна откако им беа скратени средства од локалната самоуправа, за да минатата година потполно го укинат финасирањето од локалниот буџет наменет за КК „Куманово 2009“. Тогаш образложението на градоначалникот Максим Димитриевски дека нема да финансираат приватен клуб, кој во своите редови има главно странски наместо домашни играчи.
Средствата за КК „Куманово 2009“ се пренасоција кон Младинскиот кошаркарски клуб Куманово, кој сега е „миленик“ на локалната власт.
КК „Куманово 2009“ минатата сезона клубот испадна од Првата лига, а за само една полусезона доживеа вртоглав пад.
Екипата се наоѓаше во слична ситуација во 2003 година, но беше креиран нов субјект по 6 години. Куманово играло во плејофот во 2002, 2015 и 2016 година, во финале на Купот на Македонија во 2013 година, а имаше и едно финале во БИБЛ лигата.
КК „Куманово 2009“ е поранешен вицешампион на Македонија, и во времето на најголемите успеси имаше редовна посетеност од 5 до 6 илјади гледачи, што му го обезбеди епитетот „најкошаркарски град“ во државата.