Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Челниците на кошаркарскиот клуб Куманово во официјално соопштение изразија револт за недоличното навивање и инцидентите предизвикани на натпреварот против Лирија.
„КК Куманово со ова соопштение до медиумите официјално реагира за случувањата на натпреварот од второто коло од кошаркарската Супер лига, што се одигра во саботата помеѓу КК Куманово и КК Лирија, што го добија домашните со резултат 98:92. Раководството на КК Куманово го искажува својот револт за настаните во спортската сала во Сарај, со што уште еднаш се докажува непринципиелноста на Македонската кошаркарска федерација. Освен натпреварот, се случија и многу работи што не се ни допирна точка со кошаркарската игра.
Она што го доживеавме во саботата ги премина сите граници на културно однесување и толеранција, како од страна на клубот и раководните луѓе на КК Лирија, така и од нивната публика што беше на трибините. Изненадени бевме што судиската тројка, заедно со делегатот Тодоровски, сето тоа го толерираа без ниту една нивна реакција или барем една единствена опомена што ќе биде упатена кон гледачите. Агресивна публика, навредливи скандирања, националистички песни на разгласот за време на паузите, невообичаено голем број неофицијални лица под кошевите, канонада од шишиња и лименки кон кошаркарите внатре, но и од снежни топки кон полицајците надвор беа само дел од декорот што беше во спортската сала. Дел од кореографијата беше проследена со неколку албански знамиња што ги вееше навивачката група на домашните „Ребелет“. Во секој момент имаше навредливите скандирања на сметка на македонската нација од типот „Каурски п...“, како и величењето на Голема Албанија. Најшокантен беше изборот на домашниот тим на песните што се пуштаа во паузата, што речиси без исклучок беа со националистичка содржина.
Најголем проблем беа голем број неофицијални лица што во текот на натпреварот шетаа како „шерифи“ крај аут-линијата. На секоја одлука што не им одеше во прилог на домашните, им се закануваа на судиите, влегувајќи речиси во теренот. Но, и покрај тоа немаше реакција од записничкиот стол или од судиите кои не реагираа на ваквото однесување. Се упатуваа закани кон нас, беа фрлани шишиња и лименки. За среќа, никој не беше погоден. Судењето беше сосем друга работа. Како да потпаднаа на притисокот и комплетно да се загубија.
Во текот на целата сезона нашиот тим во неколку наврати беше казнет за неспортско навивање и еднаш одигравме пред празни трибини против Вардар. Го повикуваме комесарот на Лигата, Владимир Макревски, и раководството на МКФ, да ја прегледаат снимката од средбата помеѓу Лирија и Куманово, што се одигра 11.02.2012 и да донесат правилна одлука и казна околу тоа што се случуваше на тој ден во Сарај.
Прашуваме:
1. Дали делегатот на средбата го пријави вербалниот и физичкиот притисок што беше направен од неофицијални лица на КК Лирија и тоа не само за време на дуелот, туку и при секоја пауза и прекин?
2. Дали делегатот на средбата барем еднаш ги опомена навивачите за погрдното скандирање и навредување на негова сметка и на судиите?
3. Дали делегатот еднаш ги опомена домашниот тренер и неговите играчи да не ги навредуваат гостинските кошаркари?
4. Колку неслужбени лица беа на половина метар од теренот и под кошот?
5. На нивно барање (KK Лирија) на почетокот на сезоната ја испразнивте салата во „Јане Сандански“, кога играа со МЗТ Скопје, за скандирање на нашата неофицијална навивачка химна „Излези момче““, а во саботата во Сарај ечеа песни со навредлива содржина на национална основа.
Ова соопштение не е со цел да ја иритираме јавноста. Ги повикуваме нашите навивачи „Кумани“ да продолжат да го прават тоа што најдобро го знаат, а тоа е да го бодрат и да го сакаат својот клуб, како што го прават тоа на секоја средба. Не смееме да дозволиме оваа година само КК Куманово да биде виновен за сè и сешто и секогаш казнуван, каде што, во просек, на секој дуел имаме по 5.000 гледачи. Нашиот клуб, заедно со своите навивачи, ќе покаже дека е најдобар, но тоа ќе го направи на теренот и веќе на наредната средба против МЗТ ќе покаже дека станува збор за екипа со долга историја и големо реноме.
За крај, ќе прашаме: Дали актите и правилата на МКФ важат само за натпреварите што се играат во Куманово и во нашата сала? Има ли ист аршин на казнување и санкционирање како што е во нашата сала или КК Лирија е исклучок? Ние, како клуб, и понатаму ќе ги почитуваме правилата и одлуките донесени во МКФ, но исто така бараме ист аршин на сите натпревари, особено на средбите што се играат надвор од Куманово.“
Кошаркарски клуб Куманово