Кошаркарите без многу проблеми против Гоце Делчев Штип
Кошаркарите на Куманово без многу проблеми вчера успејаа да го победат тимот на Гоце Делчев од Штип. Натпреварот заврши со резултат 88-64.

Неизвесност на натпреварот имаше само во првата четвртина кога и темпото беше такво да гостите имаат шанса. Во продолжението Куманово ги покажа своите квалитети, а резултат беа неколкуте тројки и посебно забивањата на Вујошевиќ кои ја палеа атмосферата во Спортската сала.
Сите играчи на Куманово добија шанса, а најголем поздрав добија влегувањето на „нашите“ Кристијан Маневиќ и Милош Нинковиќ.
Тие не се запишаа во листата на стрелците, меѓутоа тоа и воопшто не е битно. Последниот „кумановец“ кој имал минутажа во КК Куманово е токму Маневиќ минатата сезона против тимот на Струмица.
Во второто полувреме Куманово го зголемуваше водството и не дозволи изненадување. Во овој натпревар, Михајловски ги одмори најдобрите поединци за понатамошниот тек од сезоната.
Најефикасни поединци во Куманово беа Аврамовиќ со 14 поени, а Костовски имаше одлична партија со 10 асистенции. Кај противникот Караколев постигна 14 поени.
Следниот натпревар Куманово го игра повторно на домашен терен за седум дена, против тимот на Фени Индустри.