Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Екипата на Куманово го игра последниот натпревар оваа година во рамките на БИБЛ лигата. Во среда, гостува екипата на Пеќ од Косово.
После еднонеделната пауза, кошаркарите на Куманово повторно се враќаат во кошаркарските терени каде што преостануваат уште два натпревари да го завршат есенскиот дел од сезоната, во кои ќе се обидат да се вратат на победничките патеки по двата порази во низа во домашното првенсто. Потешкиот од нив го играат против тимот на Пеќ, екипата која го нанесе единствениот пораз на Куманово во регионалното натпреварување.
Тоа беше дебито на Куманово во БИБЛ лигата, и загуби еден поен по продолженија, во последната секунда од натпреварот.
За разлика од првиот натпревар, тимот на Пеќ има промена на центарската позиција, каде што како засилување пристигна Јожо Бркиќ, интернационалец на Босна и Херцеговина. Се работи за играч на позиција центар со висина 211 центиметри, меѓутоа доста скочен и подвижен за неговите физички карактеристики и одличен кога е во прашање играта „два на два“.
Во Куманово како засилување пристигна Бранислав Ѓекиќ, а Радоје Вујошевиќ е заменет со Урош Луковиќ кој се очекува да дебитира на натпреварот во среда. Останува да видиме дали управата избрза со трансферите на центарската позицја, ако се земе во предвид дека од реализираниот трансфер има уште десетина дена до зимската пауза. Бидејки се направи промена на играч од стартната петорка, пологично би било Вујошевиќ да ги доиграше двата натпревари додека новиот центар не влезеше целосно во ситемот на Михајловски. Куманово од почетокот на сезоната беше во самиот врв во дошаното првенство и БИБЛ лигата.
Со Луковиќ, Куманово добива поголема цврстина во рекетот и играч кој може да биде подоминантен на центарските позиции. Спеак од друга страна, зборуваме за играч кој е поинертен во однос на Вујошевиќ, па ќе треба време да се вклопи во брзата игра на Куманово. Многу е веројатно дека Куманово ќе го намали бројот на поени од контра-напади, многу подоцна ќе започнува нападот на Куманово а прашање е дали со Луковиќ во составот Куманово веднаш ќе може да смета на зонската одбрана 1-3-1. Филозофијата на Михајловски е брза игра и високо темпо во текот на целиот натпревар, па ќе видиме како новиот играч ќе се снајде во оваа ситуација.
Куманово се наоѓа на првата позиција, и со победа против Пеќ ќе ја задржи лидерската позиција на табелата до следниот натпревар кој ќе се игра кон средината на јануари.
Пеќ во овој натпревар влегува со победи против Куманово и Теодо, а тесно загуби на гостувањата против Сутјеска и Рилски Спортист.
Натпреварот се игра во среда, во Спортската сала во Куманово со почеток во 19 часот.