Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кошаркарите на Куманово вчера во Спортската сала во Куманово ја забележаа првата победа во регионалното натпреварување, одкако беа подобри од тимот на Сутјеска со резултат 97-87.
Домашниот состав имаше одлично отворање на мечот, и направи серија од 11-0. Веќе во првите минути од натпреварот, гостинскиот тренер мораше да интервенира со тајм-аут по што Сутјеска активно се вклучи во натпреварот.
Поранешниот играч на Куманово, Немања Врањеш беше човекот на кој не му беше страна атмосферата во Спортската сала, и со неговите тројки успеја да го врати гостинскиот тим во натпреварот и првата четвртина да заврши со 4 поени предност за Куманово.
По паузата на полувреме каде што Куманово замина со шест поени предност, подобар старт имаше гостинскиот тим кој беше на чекор од пресврт. Резултатот пред последниот период беше 67-67 па двете екипи почнаа одново, каде што Куманово беше поискусно и поумешно и го доби последниот период со 30-20, со што го постави конечниот резултат 97-87.
Најефикасен на натпреварот беше Вукашин Мандиќ со 31 поен, додека кај гостите Немања Врањеш постигна 26 поени.
Следниот натпревар Куманово го игра во сабота на домашне терен, против тимот на Гоце Делчев Штип.