Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кошаркарите на Куманово ја забележаа првата победа во продолжението на оваа сезона, и на гостувањето против Сутјеска славеа со резултат 83:86.
Ова беше тежок натпревар за тимот на Куманово, кој покажа дека доколку планира да ги игра завршниците од првенствата каде што се натпреваруваат, престои долг пат и макотрпна работа. Можеби неиграњето на Владимир Филиповиќ е клуч кон добрите игри, и продолжувањето на итака скратената ротација во тимот, меѓутоа овој тим не личи на оној кој ја заврши сезоната во декември.
Куманово водеше речиси во текот на целиот натпревар, но брзо ја и губеше стекнатата предност. Во сите четири четвртини, кумановчани имаа предност која до крајот на периодот неуспеваа да ја сочуваат. Во првите две четвртини двапати водеа со 12 поени, а кон крајот заминуваа со четири односно три поени разлика. Тимската игра беше карактеристична за почетокот на секој период, меѓутоа индивидуалните потези и грешките можеа скапо да го чинат Куманово во овој натпревар.
Поранешниот кошаркар на Куманово, Немања Врањеш се погрижи натпреварот да влезе во неизвесна завршница. Неговите две тројки во низа ја вратија Сутјеска на 1 поен разлика, меѓутоа во последниот напад не успеја да постигне поени за евентуално продолжение на натпреварот.
Најефикасен на натпреварот беше Александар Костовски со 23 поени и 7 асистенции. Луковиќ постигна 17 поени, Мандиќ постигна 16 поени а Аврамовиќ го заврши натпреварот со 15 поени.
Кај домаќините, Врањеш постигна 20 поени и Павличевиќ заврши со 15 поени.
Следниот натпревар Куманово го игра во рамките од Купот на Македонија, на 17.јануари, на гостински терен против екипата на Карпош Соколи.