Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Екипите од Куманово кои играат во прва лига викендов претрпеа порази на натпреварите на домашен терен и на гости.
Ракометарките несреќно загубија во последниот минут од натпреварот од тимот на Чаир од Скопје, а ракометарите убедливо беа совладани во Охрид. МКК Куманово иако имаше предност во првото полувреме, по паузата изгубија од екипата на „Феникс 2010“ од Скопје.
Женскиот ракометен клуб Куманово во последната минута изгуби од ривалот РК Чаир од Скопје со конечен резултат 26:27. Дерби натпреварот на 7 коло во плеј- оф фазата го играа на домашен терен, а имаа вистинска шанса да победат, или најмалку да ремизираат затоа што имаа контрола над играта во поголем дел од натпреварот.
Во последната минута и нерешен резултат од 26:26 гостинскиот тим постигна гол од пенал, а во наредниот напад една од играчките не успеа добро да ја прифати топката, па не успеаја да ремизираат. Ракометраките на Куманово во мечот влегоа мотивирано, направија водство од 3 гола разлика во првите 10 минути, а кон средината на полувремето резултатот беше 10:6. До крајот на првите 30 минути успеаја да ја задржат првичната предност и на одмор заминаа со 15:12. Во второто полувреме стасаа и до 5 гола разлика, но гостинската екипа направи серија од 5 гола, ја анулираше разликата, за на крајот да извојува и победа. ЖРК Куманово се наоѓа на четвртата позиција на табелата, со 5 бода. Следниот натпревар го игра на 15 март, сабота во Скопје против тимот на ЖРК Автокоманда, тим кој е второпласиран во шампионатот.
Ракометарите очекувано изгубија на натпреварот против Градскиот ракомет клуб Охрид, но со голема разлика од 18 гола, мечот заврши со конечни 38:20. Рамноправна борба имаше само до резултат 4:4, но подоцна го изгубија темпото. Од тој момент до крајот на натпреварот постојано се зголемуваше водството на домаќините. Локалниот тим има 10 бода и се наоѓаат на 9 место на табелата, со 5 победи и 15 порази во текот на првенството. Следниот натпревар МРК Куманово го игра против екипата на РК Автокоманда, на домашен терен на 9 март, недела.
Младинскиот кошаркарски клуб (МКК) Куманово изгуби на гостувањето во Скопје од тимот на „Феникс 2010“ со резултат од 84:75. Во првиот дел кумановци имаа доминација на теренот, и на полувреме заминаа со резултат од 46:51. Кон крајот на третата четвртина Феникс веќе ја консолидираше играта и го презеде водството. Во последните 10 минути скопјани започнаа да го зголемуваат водството до конечна победа. Најмногу поени за МКК Куманово постигна Тадија Тадиќ- 17, а Радукиќ забележа 14 поени. Скопјани се во серија од 5 победи. Кумановската екипа моментално е на третото место на табелата, со 11 победи и 7 порази. Следниот натпревар МКК Куманово го игра на домашен терен, во сабота на 8 март, каде ја пречекува екипата на Шкупи, кои се на 10-то место на табелата.
Тимот на Градскиот фудбалски клуб Куманово кој игра во Трета лига ја совлада екипата на Аеродром од Скопје со 2:1. Гостинската екипа го постигна првиот погодок уште во 14 минута, потоа фудбалерите на Куманово ја презедоа доминацијата на теренот- првото полувреме заврши со нерешен резултат, а победата беше запечатена во 63 минута. Погодоци за домашниот тим постигнаа Никола Стевчевски и Андреј Јовановски. Следниот натпревар се игра во Скопје против екипата на „БВК“. Ова беше прв натпревар во пролетниот дел од првенството во Трета фудбалска лига на Македонија.