Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кошаркарскиот клуб Куманово 2009 денеска има ретка можност со победа против тимот на Работнички да влезе во големото финале на македонското кошаркарско првенство.
Работнички и Куманово се сретнаа шест пати оваа сезона, и Куманово пред два дена ја оствари првата победа на гостински терен помеѓу овие две екипи.
Денеска во Спортската сала Куманово ќе има одлична можност да ја заврши полуфиналната серија и да влезе во финалето од домашниот шампионат.
Екипата на Работнички е составена од искусни домашни кошаркари, репрезентативци кои сигурно ќе знаат како да се носат со притисокот и за очекување е соодветна реакција по поразот во Градски парк. Во последниот натпревар во Куманово, скопјани покажаа дека умеат да стопат 18 поени негатива за неколку минути.
Од друга страна, тимот Куманово е доста специфичен противник а додатна тежина за противниците имаат настапите во Спортската сала. Доведувањето на нови играчи се покажа како вистински потег за управата и оваа сезона Куманово има и ширина на клупата која може да го врати тимот доколку се наоѓа на лош колосек, што го покажаа на натпреварот пред два дена.
Тоа што е сигурно е дека вечерва ќе гледаме одличен натпревар во кој Куманово може да стане финалист, или серијата да се изедначи па победникот да го очекуваме во Градски парк во Скопје.
Натпреварот се игра во Спортската сала со почеток во 19 часот.