Мени

Над 1.000 крави уште шетаат низ Крива Паланка, Општината бара Владата да прогласи кризна состојба

03.11.2026 19:52 | KumanovoNews

Општина Крива Паланка бара од Владата да прогласи 30-дневна кризна состојба поради проблемот со кравите кои неконтролирано шетаат низ градот.

Над 1.000 крави уште шетаат низ Крива Паланка, Општината бара Владата да прогласи кризна состојба

Од Општинскиот кризен штаб велат дека над 1.000 грла добиток предизвикуваат сериозни штети. Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) се бара оперативен план во рок од една недела и постапување по правосилните решенија, без да се чека одлуката на Владата.

„Повеќе од 1.000 грла крупен добиток неконтролирано се движат на територијата на општината, предизвикувајќи штети на земјоделските насади, приватниот и општинскиот имот, како и нарушување на безбедноста на граѓаните и сообраќајот. Граѓаните, особено земјоделците, секојдневно трпат сериозни материјални штети и финансиски загуби. Кризниот штаб оцени дека расположливите капацитети на Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за управување со одземен имот се недоволни во однос на обемот на проблемот. Затоа, од Владата се бара преку предложената кризна состојба да обезбеди дополнителен кадар, опрема, финансиски средства и координиран оперативен план со јасни одговорности и рокови“, велат од Општина Крива Паланка.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство се бара во рок од една недела да достави оперативен план за извршување на постојните правосилни и извршни решенија од 2024 година и да преземе конкретни теренски активности за нивно спроведување.

  „Планот треба да содржи распоред на акции по денови и локации, одговорни лица, доволен број стручни екипи и специјализирани возила, како и обезбедени услови за заловување, транспорт и сместување на добитокот опфатен со решенијата. Акциите треба да се спроведуваат во координација со надлежните институции, со видливо полициско присуство и асистенција и со соработка со локалното население. Доколку во наведениот рок АХВ не достави оперативен план и не преземе конкретни активности за извршување на решенијата, Општина Крива Паланка и група оштетени граѓани од месните заедници ќе поднесат кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство, за испитување на евентуална кривична одговорност на одговорните службени лица во АХВ поради непостапување и несовесно работење во службата“, додаваат од Општината.

Општина Крива Паланка од оваа недела воведува единствен регистар на пријавени штети. Регистарот ќе служи за евидентирање документирање на штетите и подготовка за заедничка тужба на оштетените за надомест на штета пред надлежниот суд, доколку се исполнети законските услови. Оштетените граѓани треба да го пополнат формуларот за пријавување, да ги приложат расположливите докази и да ангажираат независно вешто лице кое ќе изготви наод и мислење за висината на штетата. Трошоците за судските постапки организирани во рамките на оваа иницијатива ќе бидат на товар на Општина Крива Паланка.

Доколку продолжи непостапувањето на надлежните институции се најавува мирен протест на населението.