Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Атлетичарите на Куманово на Државниот куп за натпреварувачи до 16 години освоија второ место во машка и трето во женска конкуренција, со што Атлетскиот клуб Куманово стана единствената екипа во Македонија која на куповите се пласирала меѓу најдобрите 3 екипи во сите категории. Kупот за пионери (U16) се одржа во сабота на Арената „Тодор Проески“ во Скопје.
За пехарот најзаслужни се Јана Атанасовска, Меланија Станковиќ, Миа Голубовска, Марко Ѓуровски, Ведран Николовски, Кристијан Чедомировски, Теодор Даутовски, Јан Вуковиќ, Даниел Додевски.
„Горди сме како клуб што и машката и женската екипа освоија пехари односно беа меѓу најдобрите 3 екипи на Купот за пионери (U16) оваа година. Ја продолжуваме традицијата и оваа година да сме единствен клуб во Македонија што пак е на пијадесталот од сите 4 купа за различни возрасти- сениорски, младински, под 16 години и под 14 години. Не сме изненадени знајеќи го талентот, вложениот труд и досегашните резултати на нашите членови, што во никој случај не го намалува задоволството“, истакна тренерот Филип Колевски.
Истовремено, на истиот стадион најмалите атлетичари од Куманово остварија забележителен успех на организираниот натпревар за деца во дисциплините трки на 60 и 300 метри по возрасни категории, како и натпревари во скок на далечина, фрлање копје и штафетни трки.
Стефан Ивановски освои златен медал за возраст до 10 години, на двете трки и на 60 и на 300 метри. Неговиот клупски другар Дамјан Ристевски заврши како второпласиран на трките.
„Го имаме списокот на резултати, но според праксата и препораките и на меѓународната атлетска федерација на сите помлади натпреварувачи се доделува пофалница и нема јавно доделување на медали. Цел е да се мотивираат децата да продолжат да се занимаваат со атлетика и спорт воопшто, а не да се потенцира дека некој е најдобар а некој полош натпреварувач. Во секој случај учесниците си знаат какви резултати постигнал секој од нив, а ние имаме две први и две втори места во машка конкуренција и едно злато кај девојчињата“, објаснува Колевски.
Кај девојчињата Лена Ивановска истрча за злато на натпреварот до 10- годишна возраст. Солидни и забележителни резултати остварија и Даниел Додевски, Андреа Ангеловска, Анисија Божиновска, Глигор Серафимовски, Јована Станојковска, Сташа Крстевска, Ива Гвозденовиќ, Даријан Златковски, Мелани Лазаревска, Ерик Ивановски, Анабела Лазаревска, Ѓорѓи Спасовски, Никола Ангеловски, Страхиња Ангеловски, Андреј Серафимовски, Матеј Спасовски и Софија Гиевска.
Според календарот на Атлетската федерација на Македонија преостануваат уште неколку натпревари до крајот на годината, но главно за повозрасните категории. Во текот на зимските месеци се одржуваат атлетски митинзи во сала.