Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Двајца браќа - членови на пливачкиот клуб „Тумба“ од Куманово освојиа 9 медали на Државното првенство во пливање во Охрид, кое викендов се одржа во спортскиот центар „Атина Бојаџи“ во Охрид.
Никола Трајановски (20) повторно доминираше и освои шест медали, три златни, една сребрена и две бронзени, додека неговиот брат Марко (16) освои три бронзени медали.
Никола заслужено стана државен шампион во пливање како најдобар во категоријата 50 метри слободно, 50 метри делфин, 100 метри слободно, второ место 100 метри делфин и трето место во категориите 200 метри слободно и 200 метри мешано.
Марко, пак, заврши на третото место во категориите 100 метри делфин, 50 метри делфин и 100 метри слободно.
„Огромен успех за кумановското пливање и нашиот пливачки клуб на штотуку одржаното државно првенство. Нашите членови имаа одличен настап. И покрај сите проблеми во работењето на површина излезе посветеноста и квалитетот. И двајцата пливачи имаат голем потенцијал. За Никола допрва ќе се чуе, како дел од нашата македонска репрезентација, сигурно за брзо време ќе биде дел од големите европски и светски натпреварувања. Марко е помлад, но и тој е перспективен пливач и од него очекуваме врвни резултати. Горди сме на нивниот успех и ќе продолжиме да работиме уште попосветено“, изјави тренерот Далибор Димковски.
Никола е студент на колеџ во Флорида, а Марко средношколец во Чикаго, и двајцата допатувале специјално за учество на Државното првенство во Охрид.
И останатите членови Илариј Арсовски, Дарко Додевски, Ѓорѓи Златевски, Петра Златевска, Теодора Божиновска и Оља Цветанова имале солиден настап и забележале добри резултати.