Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кошаркарите на Куманово успејаа да ја победат екипата на Рилски Спортист во неизвесната завршница, и следните две недели да бидат на првата позиција во групата а од БИБЛ лигата.
Куманово немаше најдобро отварање на мечот. Многу брзо тимот влезе во бонус, центрите Вујошевиќ и Штерјов добија по две лични грешки и требаше на домашната екипа малку време да влезе во ритам. До крајот на четврината, успејаа да поведат со четири поени разлика. Во втората четвртина тимот на Рилски целосно се загуби во натпреаврот, а Куманово со честото менување на начинот на одбрана, одличните офанзивни напади успеја да го лимитира противникот на само четиринаесет постигнати поени во овој период. Одличната игра на Куманово ја крунисаше Костовски со тројка од половина терен во последната секунда од првото полувреме.
Тренерот Михајловски во вчерашниот разговор, најави дека Рилски е типична шутерска екипа. Кога играчите на Куманово помислија дека го добија натпреварот и имаа 17 поени разлика, Рилски се врати од мртвите благодарение на Норфлет, кој беше безгрешен во шутот за три поени (5-5). После неговата серија, резултатот на семафорот беше 66-65, а Јаневски во последниот напад постигна три поени и двете екипи влегоа во последната четвртина со 69-65.
Последната четвртина беше целосно неизвесна, до тројката на Костовски за четири поени предност на Куманово. Од тогаш Куманово полесно дишеше иако играчите имаа некои ирационални решенија и избрзани шутеви со кои предвреме сакаа да го решат прашањето околу победникот во Спортската сала.
Благодарение на добрата одбрана Куманово направи разлика која беше недостижна за гостите од Бугарија, и натпреварот заврши со конечен резултат 89-82.
Александар Костовски беше јунак на овој натпревар со 29 постигнати поени и 6 асистенции, а Саша Аврамовиќ постигна 24 поени, 5 скока и 5 асистенции. Со оваа победа Куманово има скор три победи и еден пораз исто колку и Рилски, и на првата позиција ќе го чекаат следниот ривал во БИБЛ лигата.
Ова е успешен епилог на Куманово во првиот од серијата три пеколни натпревари кои ги очекуваат. Веќе во сабота гостуваат против Работнички и ова е веројатно и најсилниот противник на Куманово оваа сезона.