×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Шахот стана изборен предмет во четири кумановски училишта

    19.03.2024 07:18 | Сузана Николиќ

    Настава по  шах како изборен предмет започна да се изведува од минатата учебна година во четири основни училишта во Куманово.

    Шахот стана изборен предмет во четири кумановски училишта

    Така, учениците од прво, второ, четврто и петто одделение во основните училишта „Браќа Миладиновци“, „Крсте Мисирков“, „Наим Фрешери“ и „Кирил и Методи“ во Романовце, добија можност еднаш неделно да ги изучуваат тајните на шахот.

    Воведувањето на шаховската игра во наставата во основните училишта е проект на Шаховската федерација на Македонија, а се реализира во соработка со Министерството за образование, Бирото за развој на образованието, локалните самоуправи и шаховските клубови.  Проект започна во 2021 година и досега се имплементирал во четириесетина училишта во државата. Малку забави во време на корона кризата, но сега повторно се актуелизира. 

    Потпретседателот на Шаховската федерација, Агим Шемшија од Куманово, вели дека се задоволни од интересот на учениците и родителите за факултативно изучување на шахот, со оглед на тоа што кај нас новите работи многу тешко се прифаќаат.

    „Ако порано на турнирите имавме 40 деца, сега имаме турнир од 190 деца.  Тоа е резултат на  популаризицијата на шахот во училиштата. Има најава и интерес дека ќе се приклучат и други училишта“, вели Шемшија.

    Програма предвидува одржување на 36 часови во текот на годината. Таа е прилагодена на возраста на децата, многу е лесна за совладување и интересна, бидејќи е  еден вид на видео презентација преку цртани ликови.

    За потребите на проектот кумановскиот шаховски клуб  одржал две обуки на 77 наставници од сите 16 основни училиштата во Куманово, кои се здобиле со сертификати.  Федерацијата поделила шаховски табли и таблети на  наставниците каде има настава.

     „Се уште имаме несигурност кај наставниците кои треба да ги држат часовите, но програмата е многу лесна и едноставна што учителките и не мора да знаат да играат шах. Оние  што се посигурни се нафаќаат, другите се јавуваат прашуваат за обуките, бараат помош и поддршка. Децата се одушевени од часовите, едвај чекаат да дојде наредниот час. Изненадени сме од ефектот, не очекувавме дека ќе има толку позитивен одзив“, вели Сања Трајковска , претседателка на Градскиот шаховски клуб од Куманово.
    Таа ги  потикнува родителите кои се во дилема да ги насочат своите деца кон шахот, бидејќи придобивките се многу големи.

    Покрај развивањето на когнитивните вештини, шахот ги развива и социјалните вештини.

    „Битно е децата логички да размислуваат, да бидат покреативни. Децата се учат на концентрација што денеска е проблем. Ќе дојдат и не можат да седат на столче, стануваат цело време, досадно им е затоа што се научени на игри на телефон. Преку шаховската дисциплина развиваат имагинација, учат што е фер игра, самопочит и почит, емпатија“, вели Трајковска.

    Таа додава дека и на светско ниво се зголемува  бројот на деца кои тренираат шах. Ако во нејзино време велемајстори биле на 30-40 години, сега врвни играчи се деца на возраст од 13, 14, 15 години. Идеално време да се почне да се тренира шах кај нас е на 6- годишна возраст, додека во светски рамки тоа се 4 години. Шахот, вели, е за луѓе кои знаат да резонираат да мислат, кои се интелегентни. Пензионерите кои играат шах не заболуваат од деменција.