×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Со засилување од странство Крива Паланка испишува нови страници во женската кошарка

    20.03.2021 09:16 | KumanovoNews

    Женската екипа на Кошаркарски клуб „Крива Паланка“ од Крива Паланка, која настапува во Прва лига жени на КФСМ, во преодниот рок од актуелната натпреварувачка сезона, 2020/21, ќе игра во засилен состав со две искусни кошаркарки од странство, а во тренерскиот состав влегува и големиот кошаркарски стратег, Слаѓан Ивиќ од соседна Србија, актуелен тренер во КЖК „Партизан 1953“, Белград.

     

    Со засилување од странство Крива Паланка испишува нови страници во женската кошарка

    Во полусезоната што претстои боите на КК „Крива Паланка“ ќе ги бранат Милена Марјановиќ, поранешна сениорска репрезентативка на Србија која игра на центарската позиција и Марија Вујадиновиќ од Црна Гора, плејмејкер, која ги бранела боите на татковината во својата репрезентација.

    „Ова е голем чекор и многу важен момент за нашиот клуб. Засилувањето во стручниот табор во кој ја имаме честа да работиме со еден од најголемите кошаркарски стратези на Балканот, само го потврдува нашиот стремеж за континуирана надградба и унапредување на кошарката и промовирање на Крива Паланка како еден центар на женската кошарка во Македонија. Господинот Ивиќ ја прифати нашата соработка и во претстојните месеци ќе работиме на зајакнување на капацитетите и потенцијалите што Клубот ги има во поглед на младинската школа, но и на сениорскиот тим, кој сега е засилен со искусните Мими Марјановиќ и Марија Вујадиновиќ“, вели Ведран Белешковски, претседател на КК Крива Паланка и тренер.

    На двајцата тренери од КК Крива Паланка, Белешковски и Ивановски, многу им значи засилувањето во стучниот табор и соработката со Слаѓан Ивиќ.

    Ивиќ е роден 1963 година, на почетокот на кариерата бил тренер на младинските категории во КК „Партизан“ и помошник во првиот тим. Заминува во Шабац, па се враќа во „Партизан“ од 1996 до 2006 година, период во кој седум години е на водечката тренерска позиција. Во текот на кариерата бил тренер на екипите „Железничар“, Сараево, „Единство“, Бело Поље, на клубовите „Краљево“, „Црвена Ѕвезда“, „Јагодина“, „Студент“, „Стара Пазова“, „Слобода“, Р.Српска, „Олимпик – Баја Маре“, Романија, „Нови пазар“ и „Велика Плана“. Во богатата кариерата бил и селектор во 1999/2000 на М-14 и М-16 репрезентациите на СФР Југославија и помошен тренер на А репрезентација на Србија и Црна Гора. Како прв тренер ја предводел и Универзитетската репрезентација на Универзијадата во Белград во 2009. Во оваа сезона, 2020/21 е актуелен тренер на КЖК „Партизан 1953“ Белград, Србија.

    „Исклучително задоволство ми е што во наредниот период од два и пол до три месеци ќе бидам во КК „Крива Паланка“, со луѓето од женскиот клуб, кои уште при првиот контакт и при пристигнувањето покажаа огромно гостопримство и пресреќен сум што во следниот период ќе бидам во овој убав град. Во соработка со селекторот на женската А репрезентација на РС Македонија, Владимир Ѓоровиќ и луѓето од Клубот, беше остварена оваа соработка. Благодарност до мојот клуб КЖК „Партизан 1953“ и раководството, кои ми овозможија да бидам отсутен во овој период од Белград, што е уште еден показател декаспортот ги поврзува луѓето“, вели Ивиќ.

    Тој е сигурен дека во претстојниот период ќе се издигне Клубот на повисоко ниво и ветува дека ќе се вложи максимално во блиска иднина овој мал клуб да го привлече вниманието на кошаркарската сцена.

    „Претседателот на клубот Ведран Белешковски во изминатиот период, со своите соработници, имаше големи одрекувања и јас му честитам, бидејќи да се одржи Клубот во овие 15 години не е мала работа. Јас ќе му помогнам да ги одржи тие цврсти темели и во следниот период. Со доаѓањето и на двете кошаркарки кои гледав да бидат, освен добри играчи, и добри луѓе, бидејќи тоа е исклучително важно кадешто доаѓаме, верувам дека ќе ја оправдаме довребата, не само на луѓето од Клубот, туку и кон целиот град“, изјави Ивиќ.

    Тој додава дека за кратко време колку што е во Клубот, презадоволен е од сите структури на луѓето и од кошаркарките во Клубот.

    „Можам да истакнам дека лесно може да се случи некој од нив да понесе дрес и на некој странски, голем клуб, но потенцирам дека моето доаѓање во градот и Клубот носи одговорност овие кошаркарки да бидат тука каде што се, да направат многу повеќе отколку досега за овој Клуб и за овој град. Верувам дека во блиска иднина ќе се слушне надалеку за овој клубод Крива Паланка“, додаде Ивиќ.

    Кошаркарката Марија Вујадиновиќ Петровиќ е Црногорка, плејмејкер со богато интернационално искуство во репрезентациите на Црна Гора до 18 и 20 години, преку настапи за клубови од Француска прва лига, КК „Поинкон баскет“, ЖКК „Студент“, Ниш, ЖКК „Трешњевка“, Загреб, Хрватска, а играла и за „Приморје“ и „Будуќност“ од Црна Гора, во „Лозница“, „Студент“ итн. Оваа сезона 2020/21 играше за ЖКК „Раднички“, Крагујевац.

    „Задоволство ми е што првпат во животот наидов на ваква љубезност и соработка. Сите се прекрасни, и играчите и тренерите, а и условите кои ги добивме се одлични. Со оглед на тоа дека и тренерот Ивиќ важи за многу добар стручњак чест ми е што првпат ќе соработуваме“, изјави Петровиќ.

    Милена Марјановиќ  исто така има голема меѓународна кариера. Доминантна е на центарската позиција со нејзините 194 сантиметри, повеќе години била дел од Српската сениорска репрезентација, шест години играла во Француската прва лига, во клубовите АБ „Монтбрисон“,  „Шартре“ , „Ла Гласеи“,  две години во ЖКК „Данзио Темишвар“ во Романија,  во ЖКК „Раднички“, Крагујевац, Србија, во Алжир „ГСП“, а оваа сезона настапи за ЖКК „Млади Крајишник“, Босна и Херцеговина.

    „Се радувам на соработката со КК „Крива Паланка“ и се надевам дека со своето искуство ќе помогнам да се остварат зацртаните планови на Клубот за оваа сезона и дека ќе им помогнам на младите кошаркарки да напредуваат. Морам исто така да истакнам дека сум исклучително почестена што сум дел од целиот овој проект, задоволство ми е што ја обновив соработката со тренерот Ивиќ, а уште поголема чест ми е што сега сум дел од КК „Крива Планака“ и се надевам дека ќе оствариме длабоки траги во женската кошарка во Македонија“, рече Марјановиќ.

    Кошаркарски клуб Крива Паланка работи и дејствува под слоганот „Едно име, еден град, еден клуб во срце носам јас“. Оттаму, се заблагодарува на сите кои ја препознаа идејата за развој на спортот, кошарката во градот, а со тоа и во државата, од локалната власт и институциите, преку сите локални фирми и поддржувачи, спонзорите и секако, сите чинители и од повисоките надлежни власти кои помагаат оваа визија да се реалзиира и  развива во нешто што ќе биде препознатлив белег на градот.

    (Жаклина Цветковска)