Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Екипата на Куманово во недела од 18:30 ќе се обиде да ја продолжи победничката серија во домашното првенство. Тие ќе гостуваат на тимот на Карпош Соколи.
Соколи за оваа сезона успејаа да формираат респектабилен тим, кој уште нема забележано пораз во домашното првенство. Диме Тасовски, Игор Мијајловиќ и Александар Васиќ се играчите кои се носители на целиот тим. Центарската линија во Карпош е прилично силна, и е составена од Кирил Павловски и Душан Кнежевиќ, а со Владимир Филиповиќ, Игор Пенов, Владимир Георгиевски тимот од Карпош има квалитетни седум играчи кои имаат и интернационално искуство, и учество во АБА лигата.
Кратката клупа на Соколи е веројатно најголем проблем, и високиот ритам на Куманово би требало да направи предност и да ја истроши седморката на противникот.
Тасовски и Васиќ до сега имаат изиграно 39 минути во просек, а не заостануваат Филиповиќ и Мијајловиќ со 33 минути во просек по натпревар.
Куманово имаше два тешки натпревари во БИБЛ и домашното првенство, меѓутоа беше слободен оваа недела од регионалното натпреварување. Тоа би требало да биде голем плус кога се во прашање подготовките за овој дуел.
Статистички гледано, Куманово го има најдобриот стелец во првенството во Аврамовиќ со 21.5 поени. Мандиќ е петти најдобар скокач со 7 скока, а Костовски втор најдобар асистент со 5.5 асистенции по натпревар.
Останува да видиме кој ќе биде подобар и поумешен во неделниот дуел во Карпош, и кој од двете екипи ќе остане на врвот на табелата.