Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Фудбалерите на Шпанија се првите финалисти на Европското првенство во Полска и Украина, откако синоќа по подобро изведената серија во пенал-рулетот со 4-2 (0-0) славеа над Португалија.
„Црвената фурија“ се наоѓа само на чекор до одбрана на тронот, а противникот за неделното големо финале ќе го дознаат вечерва по пресметката меѓу Германија и Италија.
Една од подосадните средби на ЕУРО 2012, која беше без особен број на шанси и на двете страни, им припадна на посреќните Шпанци, за кои фантастично стрелаа Серхио Рамос и Цеск Фабрегас, кој стави и точка на мечот.
Полн сум со емоции по оваа долга сезона. Заслуживме да победиме, а јас сум горд што сум Шпанец и што играм за овој тим – изјави Рамос, кој со т.н. „паненка“ удар го изненади португалскиот чувар на мрежата.
Еден од најдобрите фудбалери на планетава, Кристијано Роналдо, не дочека да го изведе ударот од 11. метри бидејќи беше планиран да шутира последен. Тој заедно со соиграчите може да жали што не успеа по 120 минути игра да ја затресе мрежата на Касилјас, а една од шансите ја имаше во финишот на регуларниот дел.
Доколку морав да одбирам на кој начин ќе изгубиме, ова сигурно не беше посакувано. Но некогаш мора и вака да се загуби. Бевме подобри во 90. минути, но Шпанците беа посилни во продолженијата. Тие се фантастичен тим – изјави разочараниот Роналдо.