Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Екипата на Куманово денеска во 19 часот го игра првиот натпревар под водство на тренерот Страшо Тодоровиќ, против тимот на Фени Индустри.
Тодоровиќ пред натпреварот изјави дека ситуацијата е комплицирана но ќе се обидат да ги подобрат резултатите во останатиот тек на првенството. Тој и минатата сеозна го презеде клубот на средина на сезоната по што Куманово стигна до финалето на домашното првенство. Оваа сезона ја започна како прв помошник на Љубисав Луковиќ, и добро е запознаен со ситуацијата во клубот.
Ситуацијата е потешка во однос на минатата сезона кога станав прв тренер на тимот. Се случи сплет на околнисти кои доведоа до ваква ситуација. Мандиќ имаше конфликт со првиот тренер, по што самоиницијативно реши да побара раскинување на договорот. Игор Бјелиќ има повреда на коленото, проба да игра во Финска но и покрај големата желба не успеа во тоа. На тоа се придодадоа и тешките патувања, натпревари со клубови со поголем буџет, порази по кои неможевме да ја фатиме вистинската форма. Сето тоа негативно влијаеше на тимот - изјави Тодоровиќ.
Тој додава дека управата на клубот му дала време до 26.декември да го врати клубот на победничките патеки, по што ќе се одлучува дали ќе му се продолжи договорот или ќе се бара нов тренер.
Мене ми е даден рок до крајот на првиот дел од сезоната да ги вратам работите во клубот на свое место. Да се разбереме, јас не сум магионичар да за кратко време Куманово биде она што беше минатата сеозна. Форматот на првенството не е ист како минатата сезона. Сега се играат по четири натпревари со секоја екипа во рамките на Прва лига. Потоа третопласираната екипа ќе игра против шестопласираниот тим односно четвртопласираниот со петопласираниот тим за место во Плеј-оф. Таму како противници ќе не чекаат екипите кои ќе завршат први и втори на табелата. Целокупно гледано првенството оваа сезона е послабо од лани, меѓутоа нашите директни противници Карпош Соколи, Фени и Кожув се посилни од минатата сезона. Сепак јас сум оптимист, очекувам реакција од играчите и со поголемо залагање и работа мислам дека ќе останам тренер до крајот на сезоната. По испаѓањето од Еврокупот сега единствено сме фокусирани на домашните натпреварувања - вели Тодоровиќ.
Кога се во прашање засилувањата Тодоровиќ изјави дека тоа прашање е отворено и дека се чека на управата на клубот.
Со напуштањето на Мандиќ клубот губи квалитетен играч, но се отвара простор за нови играчи и недостаток на играч на позиција три. Наша работа е да се прегрупираме и да дадеме максимум до крајот на есенскиот дел од натпреварувањето, а после 26.декември управата треба да направи пресек и да реши во кој правец ќе се движи клубот - додава Тодоровиќ.
Тодоровиќ ги повика навивачите на денешниот натпревар а и во наредниот период да му дадат подршка на клубот во овој кризен период.
Ги повикувам сите љубители на кошарката и навивачката група Кумани да му дадат подршка на КК Куманово во наредниот период. Ветувам дека играчите вечерва ќе дадат и 150% да се победи Фени Индустри, а во наредниот период се надевам дека работите ќе се одвиваат во добар правец - заклучи Тодоровиќ.