Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
КК Куманово во сабота од 19 часот на домашен терен ја пречекува екипата на Водњански Лисици.
После победата против Теодо Тиват, кумановчани имаа десеттина дена „пауза“, кои се искористени за подготовки за престојниот тежок распоред кој го очекува КК Куманово.
Во сабота гостува новиот прволигаш, тимот на Водњански Лисици, кои се единствената екипа без победа во шестте одиграни натпревари.
Тимот на Лисици е составен од млади надежни играчи од дваесетина години, а на позициите странци ги имаат Танасковиќ Милош и Николиќ Петар.
Куманово би требало да има лесен натпревар и убедлива игра, слично како против тимот на Штип од пред некое коло.
Тешките денови за Куманово престојат по завршувањето на овој натпревар, кога тимот најпрвин ќе ја пречека непоразената екипа во БИБЛ лигата, Рилски спортист, па потоа оди на гостување против Работнички, и потоа на домашен терен игра против МЗТ Скопје. Во оваа серија на три натпревари, Куманово нема да биде фаворит како против Лисици, меѓутоа нема да биде изненадување доколку успее да изигра на високо ниво и забележи позитивен резултат.
Куманово во сите натпреварувања има шест победи и два пораза, еден од Пеќ и еден од Карпош Соколи.