Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Станарите од зградата на улица “Боро Прцан“ бр.29, кoја се наоѓа во близина на ОУ “Толи Зордумис“ веќе 10 дена се без електрична енергија откако во голем пожар изгореа струјомерите и дел од електричната инсталација.
Од ЕВН им рекле дека струја ќе добијат кога секое домаќинство ќе плати по 30 евра и ќе купат нови струјомери. Станарите се бунат дека пожарот настанал не по нивна вина, а дел од нив се социјалци кои немаат пари за непредвидениот трошок.
Има луѓе со мали деца и не можат да седат без струја. Има болни, стари лица. Од ЕВН ни велат се да санираме и потоа ќе ни пуштат струја. Се на наш трошок. Од ЕВН извадиле два осигурача и најверојатно било висока волтажа. Тие не смееле така да ги извадат, требало записник. Ги земале, ги однеле и сега ние сме виновни - вели Мирјана Стојчева, станар.
И другите станари се револтирани бидејќи редовно подмируваат сметки, а сега 10 дена се оставени без струја. Не можат да готват јадење, а вода за капење грејат на шпорети на дрва или на плински боци.
До 18 часот седиме, а потоа се покриваме со ќебиња за да не ни биде ладно. Да пијам лекови станувам, палам свеќа. Во 21 век ние грееме вода во тенџерче за капење. Јас сум пензионерка и кога ќе земам пензија прво плаќам сметки. Редовен плаќач сум, сега 10 дена болна седам без струја - изјави Лепа Крстевска, станар.