Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На 15 месецов истекува рокот за поднесување барања за приватизација на дворните места во државна сопственост.
Од Министерството за финансии апелираат граѓаните и фирмите да го проверат во одделенијата на Агенцијата за катастар на недвижности статусот на земјиштето кое го користат, и доколку тоа е сопственост на Република Македонија, со запишано право на користење на нивно име, да поднесат барање за приватизација до подрачното одделение на Управата за имотно-правни работи.
Право да поднесат барање за приватизација имаат граѓани или фирми кои правото на користење на градежното земјиште го имаат стекнато со правна основа (закон, тапија, судска пресуда, договор за купопродажба, решение за наследство, одлука на надлежен државен орган), граѓани или фирми кои правото на користење на градежното земјиште го имаат стекнато по основ на сопственост на објект стекнат со правна основа заклучно со септември 2001 година и слично.
Сите физички и правни лица кои немаат поднесено барање за приватизација, а нема да поднесат ниту до 15 декември годинава, ќе бидат обврзани да плаќаат закупнина за земјиштето на кое до наведениот рок биле евидентирани како корисници.