Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
26 случаи на легионерска болест се регистрирани во Куманово од почетокот на годината.
Пациенти со зголемена температура, кашлица, болки во градите, малаксаност, болка во мускулите и гушење побарале помош кај матичните лекари, а четворица завршиле на инфективното одделение во Општата болница Куманово. Во Центарот за јавно здравје Куманово потврдуваат дека има зголемениот број на заболени и посочуваат дека тоа не е вообичаен за овој период од годината, туку за лето. Лани имале регистрирано само 4 случаи и тоа при крајот на годината.
Заклучно со вчера имаме 26 лица заболени од легионела, а од микро-биолошката лабараторија имаме добиено 43 пријави со докажани причинители на бактеријата легионела. Се работи за претежно болни лица со хронични воспаленија на белите дробови, без разлика дали се деца или возрасни, кои имале некоја инфекција на респираторните патишта. Од направените епидемиолошки анкети, при посета на заболените не е најдена епидемиолошка поврзаност меѓу заболените за колективен престој. Тие не користеле ист систем за ладење и греење, не престојувале надвор од земјата во некој спа центар, базен или влажна средина- вели доктор-епидемиолог Јадранка Стаменковска во Центарот за јавно здравје Куманово.
Според статистиката на Центарот, заболени се 18 жени и 8 мажи, од нив 23 пациенти се од градот, а 3 од селата.
Бактеријата легионела се дијагностицира преку специфична анализа на крвта - пневмослајд и успешно се лечи со антибиотици. Од неодамна оваа услуга ја покрива Фондот за здравство и од 1100 денари е намалена на 250 денари, поради што матичните лекари повеќе ги упатуваат пациентите на анализа.Зголемениот број на извршени проверки е една од причините за откриената бројка на заболени, сметаат лекарите.
Легионерската болест е инфекција на белите дробови што ја предизвикуваат бактерии од фамилијата Легионела. Бактеријата најчесто се наоѓа во водените извори со температура која се движи помеѓу 35°С - 46°С. Болеста може да се добие откако луѓето ќе вдишат честички што потекнуваат од водени извори загадени со бактеријата од разладни клима уреди и централна климатизација на јавни објекти, бањи со разбранувана вода, тушеви, инхалатори, освежувачи на простории или од загадена почва. (Вест)