84-годишен маж се обидел да убие жена во хотел во Куманово
Основното јавно обвинителство Куманово започна истрага против 84-годишен кумановец, кој се обидел да убие жена во хотел во Куманово, пред очите на нејзиниот неподвижен сопруг.
Обвинителството донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради обид да изврши кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 4 во врска со член 19 од Кривичниот законик.
На 4 декември, во хотел во Куманово, осомничениот 84-годишник, од ниски побуди и со умисла, се обидел да лиши од живот една жена.
Утрото го искористил моментот кога гостин од хотелот ја отворил вратата, па влегол во објектот и се упатил кон собата каде што биле оштетената и нејзиниот неподвижен сопруг.
„Кога го забележала, жената станала и тргнала кон вратата за да го спречи да влезе, но во тој момент осомничениот извадил нож и ја удрил во пределот на главата. Во моментот кога ножот му паднал од рака, оштетената успеала да се оддалечи и со висок тон започнала да бара помош. Нејзиниот син, кој бил во соседната соба, веднаш реагирал и го спречил напаѓачот“, стои во соопштението.
По предлог на јавниот обвинител, судија на претходна постапка од Основниот суд Куманово му одреди мерка притвор на осомничениот.