Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Жителите на Агино село немаат бесплатен автобуски превоз. Наместо градски превоз, тие ги користат меѓуградските линии за Скопје, при што плаќаат редовна цена.
Општина Куманово за потребите на мештаните од Клечовце и околните кумановски села, кои користат линиски превоз на општина Старо Нагоричане, склучи договор за покривање на трошоците, но не и за Агино село.
„Како да не сме дел од Куманово, додека две години цел град користи бесплатен јавен превоз ние плаќаме билети по цена од 90 денари во еден правец. Ако мерката важи за цела општина треба да се создадат услови за нас. Зошто да плаќаме само ние, и ние го полниме буџетот на Општината. Вака се чувствуваме дискриминирани. Сепак е прескапо за да излезеш на шетање или по некоја работа во Куманово. Постарите и децата треба да ги возиме, а ние имаме работни обврски и не сме во можност да извршуваме и превоз на членовите на семејството кои имаат потреба“, објаснува В.К. жител на Агино село.
Месната заедница неколку пати поднесувала барања до Општина Куманово барем три пати неделно да има комбе кое ќе сообраќа до селото, но безуспешно.
Според надлежните, во Агино село нема општински превоз затоа што нема регионален пат кој го поврзува селото со градот, туку населението го користи автопатот „Пријателство“. Кон селото нема изградена прописна клучка, туку постои поврзување, кои не ги задоволува стандардите за приклучок на автопат.
Во развојната програма за инфраструктурни објекти за 2024 година на Општина Куманово нема предвидено пари за изградба и асфалтурање на пат кон Агино село. Тоа практично значи дека не постојат шанси во скоро време да биде решен овој нивен горлив проблем- ниту ќе се поврзат со градот, ниту ќе добијат линиски превоз.
„За Агино село секогаш имаат изговори. Ќе потпишеме петиција, ќе се префрлиме под надлежност на град Скопје, поточно Општина Илинден. Ќе ни ги асфалтираат улиците, ќе се обезбеди најнеопходното, а не вака ништо, катастрофа со години“, продолжува нашиот соговорник.
Во Агино село има околу илјада постојани жители и 300-400 населени куќи. Тоа е едно од поголемите населени места кои имаат активен спортски и културен живот, организираат манифестации најчесто во месната црква и имаат социјален живот кој ги задржува младите во селото. Сепак за поубав и квалитетен живот потребно е задоволување на неколку стандарди, меѓу кои сообраќајната поврзаност и редовен превоз играат значајна улога.
Агино село е последното населено место кое е на територија на општина Куманово, веќе следното Дељадровце е под надлежност на Општина Илинден од Скопје. Редовен автобуски превоз има до селото Романовце.
Со сличен, ако не и поголем проблем се соочуваат и жителите на селото Брзак.
Патот до селото Брзак е посипан со чакал но внржите и честото користење веќе го оштетиле и разнеле камчињата.
„Не сме далеку, од Романовце до Брзак има околу 7,5 километри. Нема слух и разбирање кај надлежните, не знам колку пати се обраќавме, градоначалникот не знае кај е селото. Има околу 60 жители, а само во последните 5-6 години исто толку млади луѓе и семејства се отселени. Видоа децата дека нема услови, никој не ги гледа и слуша нашите барања, кај и да ќе изумре и ова село’, истакна Горан С., кој потекнува од селото Брзак.
Линиски градски превоз немаат жителите на Винце, Вак’в, Карабичане и Сушево. Иако се дел од територијата на општина Куманово не можат да ја користат мерката за бесплатен автобуски превоз.
(фото: Фејзбук)