Тезгите за зеленчук на цветниот пазар ќе останат, ако за тоа има интерес од граѓаните и закупците, велат од „Пазаришта“
Доколку граѓаните и закупците имаат потреба, тезгите за зеленчук на реонското пазарче нема да бидат отстранети, туку ќе се обезбеди простор за нивно непречено функционирање, велат од ЈП „Пазаришта“, откако дел од јавноста реагираше на идејата за дислокација и отворање цветен пазар.
Директорот на претпријатието, Суад Зејнулаху, вели дека на пазарчето ќе има простор за сите содржини што се потребни на граѓаните.
„Пазарот располага со површина од 2.000 метри квадратни и 16 дуќани. Според планот, ќе се отстрани оградата кон улицата и по целата должина ќе се изгради паркинг простор. Сите што ќе дојдат со кола да пазарат ќе имаат каде да се паркираат. Во еден дел од пазарот ќе останат тезгите за зеленчук, доколку закупците сакаат да продолжат со работа, додека другиот дел, каде што се дуќаните, ќе бидат наменети продажба на цвеќе и декорации“, објаснува Зејнулаху.
Тој најави дека лицитацијата за дуќаните ќе биде објавена во наредните денови, а за закуп на деловниот простор, покрај кумановски, интерес покажале и скопски фирми.
Според планот, пазарчето ќе биде реновирано и прилагодено на новите потреби, бидејќи во сегашната состојба претставува товар за претпријатието – има мал број закупени тезги и просторот стои празен и неискористен.
Зејнулаху смета дека со оваа промена градот ќе добие нова содржина, која ќе придонесе и за подобрување на работењето на претпријатието, а Куманово ќе стане втор град во државата, по Скопје, со цветен пазар.
Граѓаните од овој дел на градот со години реагираат дека реонското пазарче треба да се уреди, бидејќи се наоѓа во лоша состојба – запуштено, валкано и неискористено.
По објавата на текстот на Кумановоњуз, граѓаните главно ја поддржуваат идејата за отворање цветен пазар, но сметаат дека треба да останат и тезгите за зеленчук и овошје. Дел од нив предлагаат стариот пазар целосно да се урне и да се изгради нов, со поземен паркинг и сите придружни содржини.