Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кумановскиот музеј освои прва награда во нестандардни форми и специјална награда за ревијата “Ала франга“ на меѓународниот фестивал “Музите“, кој деновиве се одржа во Созопол, Бугарија.
Беше прикажана некогашната мода од кумановско корзо, во реализација на кустос етнолог Анита Ѓорѓијоска, беше прикажан рачноизбработен накит од Филип Митевски и современа мода од кумановскиот моден дизајнер Александар Рашковиќ.
“Ние од кумановскиот музеј бевме единствените кои ја претставуваа Македонија таму. Не само што ја претставивме, туку ги собравме и сите престижни награди на самиот фестивал. Го земавме првото место во категоријата на нестандардни форми, а потоа ја зедовме и специјалната награда за самиот проект “Ала франга“ за кој навистина верувајте беа воодушевени сите. Се работи за жива материја, за манекени и беше прекрасно“- изјави Анита Цветановска, директорка на Музеј Куманово.
Анита Ѓорѓијоска која работеше на проектот, вели дека наградите се доказ за успешно завршена работа.
“Навистина ми е драго што претставивме еден дел од нашите експонати, т.е. реконструкција на делови од градската носија, преку фустаните, костимите, кошулите, палтата, чантите, шапките. Го прикажавме нашето културно наследство надвор од Македонија“- рече Ѓорѓијоска.
Филип Митевски вели дека во Бугарија се претставил со 8 модели од неговиот накит.
Креаторот Александар Рашковиќ објаснува дека ревијата побудила огромен интерес во Созопол.
„Сите што не сретнуваа во градот, прашуваа дали сме ние со ревијата. Им беше интересен нашиот проект. Запознавме многу пријатели кои не поканија да посетиме други држави, со овој проект или проект од ваков тип“ - кажа Рашковиќ.
На десеттиот јубилејен фестивал учествуваа претставници од 24 земји од светот. Наградениот проект од нашиот музеј следната година ќе го отвори фестивалот. Учеството на фестивалот во Бугарија е поддржано од Министерството за култура.