Алексовска:Мисајловски бара оправдување за доставени, а нереализирани проекти
Секретарот на општина Куманово, Валентина Алексовска денеска на прес-конференција ги отфрли обвинувањата на министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски дека општината ги кочи проектите кои се во интерес на граѓаните.

Алексовска вели дека министерот си бара оправдување за проектите кои уште пред три години се доставени од општина Куманово со комплетна техничка документација во вредност од 2.7 милиони евра, но не се реализирани.
Тоа се проекти за изградба на фекален колектор кон село Речица, изградба на фекален колектор во село Тромеѓа и третиот проект замена и инсталација на куќни водомери со далечинско управување. Проектите за кои министерот ја повикува локалната самоуправа на одговорност, во 2015 година се изгласани на Советот на општина Куманово, како дополнение на одлуката за приоритети која што пред 3 години ги доставивме до вашето министерство, министере. Почитувани граѓани на Пчиња и Романовце не дозволувајте во овие предизборни активности да се манипулира со вас - рече Алексовска.
Општината ги изготвува проектите за Пчиња и Романовце и во најкраток можен рок ќе ги достави до Министерството за транспорт и врски. Дали ќе бидат реализирани ќе покаже времето, рече Алексовска.