Мени

Апликацијата за поддршка на младите на тимот од „Перо Наков“ во топ 20 за награда од еден милион денари

19.11.2025 08:33 | KumanovoNews

Учениците од Средното стручно училиште „Перо Наков“ се пласираа на деветтото место меѓу најдобрите 20 тимови на натпреварот „Средношколец милионер“ со својата апликација MindMap, наменета за анонимно споделување проблеми и поддршка на младите.

Апликацијата за поддршка на младите на тимот од „Перо Наков“ во топ 20 за награда од еден милион денари

Тимот го сочинуваат Ивона Липковска, Маја Стојмановска, Сара Младеновска, Ивана Ангеловска, Ања Тасковска и Мија Лазаревска. Тие развија апликација која нуди безбедна заедница за меѓусебна поддршка, како и пристап до едукативни видеа и совети од професионални психолози. Целта е да се подобри менталното здравје кај младите и да се создаде простор каде секој може да биде слушнат и разбран.

Од вкупно 53 пријавени идеи, нивниот тим успеа да се истакне и да обезбеди место меѓу најдобрите дваесет.

„Овој успех за нас претставува значаен чекор. Моментално се наоѓаме на деветтото место на официјалната ранг-листа. Тоа не е само доказ за квалитетот на нашата идеја, туку и признание за трудот, посветеноста и тимската работа што ја вложуваме“, велат ученичките.

Пласманот во топ 20 им овозможува да продолжат понатаму и да се борат за место меѓу најдобрите десет тимови.

„Оваа фаза е особено важна, бидејќи токму влезот во топ 10 води кон завршната цел и можноста да се освои наградата од еден милион денари. Нашата амбиција не застанува овде – напротив, овој успех нè мотивира да продолжиме уште поупорно“, додаваат тие.

Натпреварот ќе се одвива во просториите на Академијата за талентирани ученици, во организација со „Бреинстер Некст колеџ“. Сите идеи ќе бидат презентирани пред комисија, по што ќе бидат избрани најдобрите концепти кои ќе продолжат понатаму. Најуспешните презентации ќе обезбедат влез во топ 10 – клучниот чекор што води до големата награда.

„Се одлучивме за оваа идеја затоа што забележавме дека многу млади се чувствуваат осамено и неразбрано и ретко имаат можност отворено да зборуваат за своите проблеми. Сакавме да создадеме безбедно и пријателско место каде никој нема да биде осудуван, туку поддржан. Нас нè инспирира желбата да направиме нешто што навистина има значење. Денес многу млади чувствуваат притисок или недостиг од поддршка, а нашата идеја покажува дека технологијата може да биде средство за поврзување, помош и градење подобра заедница“, велат средношколките.