Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во касарната “Боро Менков“ денеска со свечена програма беа одбележани 21 година од формирање на Армијата на Република Македонија.
Свежо цвеќе пред бистата на Боро Менков положи делегација на АРМ и делегација на Советот на Општина Куманово предводена од претседателот Максим Димитриевски.
Пред присутните се обрати командантот на гарнизон Куманово потполковник Али Хајро, кој даде осврт за почетоците и формирањето на АРМ. Тој рече дека баталјонот “Мирче Ацев“ формиран од одредот “Дамјан Груев“ на 18 август 1943 гдоина бил првиот зародиш на Армијата на Македонија, односно тоа била првата организирана формација на македонската војска.
На 8 септември 1991 година кога конечно се оствари многувековниот сон на македонскиот народ за независна, суверена и самостојна Република Македонија и подоцна со донесување на Законот за одбрана на 14 февруари 1992 година, се дефинираше и системот на одбраната. АРМ стана еден од главните стожери на македонската државност и во изминативе години е главен гарант на македонската сувереност. Од 11 март 1992 година кога се развиори македонското знаме на караулите “Рамна Нива“, “Коприва“ и “Деве Баир“ до 20 март март АРМ ја превзеде целокупната контрола на територијата на Република Македонија - изјави Хајро.
Со преземање на касарната “Илинден“ од тогашната ЈНА се створени услови за прием на првите војници и симболично на 14 април отпочна регутација со првиот регут велешанецот Панче Јамандиев во касарна во Охрид.
На 15 ноември 1995 година Република Македонија стана 27 - ма членка на мировната иницијатива на НАТО “Партнерството за мир“.
На прославата беше нагласено дека АРМ денеска ужива углед во земјава и странство, а податоците говорат дека над 3000 припадници на нашата армија учествувале во мировни мисии и дале свој придонес за мир.
На свеченоста беа унапредени, наградени и пофалени припадници на АРМ. Во дворот на касарната беше изложена воена опрема. На прославата присуствуваа борците, градоначалникот на Старо Нагоричане Милован Стојковски, воени ветерани, претставници од Црвен Крст, од приватни субјекти со кои АРМ соработува, роднини и пријатели на вработените.