Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Носителот на советничката листа на Социјалдемократска партија на Македонија - Социјална правда, Бранко Арсовски денеска јавно им се заблагодари на сите поддржувачи, кои покрај двете најголеми политички опции се одважиле да застанат на нивна страна.
Арсовски кажа дека воделе позитивна кампања, и дека нивната кампања не трае две недели, туку цел мандат.
Влеговме во овие избори бидејќи сметаме дека имаме што да понудиме, ја споивме младоста и искуството. Изработивме програма и понудивме низа решенија кои ги тангираат проблемите на граѓаните на Општина Куманово, ја ставивме на располагање нашата стручност и професионалност во остварување на истите. Во изминатите неколку дена водевме кампања со наши средства, скромно, без донации и спонзори, но искрено и од срце. И она што е најважно со луѓе кои имаат силен мотив да работат и да дадат свој придонес. Добро знаеме дека на кумановчани им е преку глава од политика во време кога едвај се врзува крај со крај, во време кога им се потценува интелегенцијата, се гази по нивното достоинство. Во време кога граѓанинот е само бројка, алатка за покажување на сила и моќ. Нашата кампања за подобар живот и социјална правда нема временски рокови - изјави Арсовски.
Тој ги повика граѓаните кои ги поддржуваат неговите политики, и кои знаат како делувал во Советот на Општина Куманово да му дадат поддршка во недела со заокружување на бројот 25 на гласачкото ливче.
На прес - конференцијата тој на сите млади брачни парови им го честиташе денешниот празник Младенци со желби за среќа, благосостојба и хармонија.