Кумановски гимназијалки со иновативна идеја „Цена на дланка“ - наградата е милион денари
Три ученички од Гимназијата „Гоце Делчев“ од Куманово влегоа меѓу 120 тимови во земјата на натпреварот „Средношколец милионер“, со идејата „Цена на дланка“ - дигитална платформа што ќе им овозможи на граѓаните брзо и лесно да ги споредуваат цените на производите во различни продавници и да ја изберат најповолната понуда.
Софија Илиевска, Ева Томиќ и Милица Момевска, имаат идеја корисниците на мобилната апликација да пребаруваат производи, да ги споредуваат цените, да ги проверуваат актуелните попусти и да ја пресметаат вкупната цена на својата листа за пазарување. Апликацијата ќе им покажува каде можат да ја купат целата кошничка по најниска цена и колку пари можат да заштедат.
„Учествуваме во проектот „Средношколец милионер“ со нашиот проект „Кеш на дланка“. Станува збор за младинска иницијатива преку која сакаме да ја претставиме нашата идеја, да ја развиеме креативноста, претприемачкиот дух и да покажеме дека и ние, како средношколци, можеме да создадеме нешто свое. Целта ни е да добиеме што поголема поддршка од јавноста преку гласање, да се пласираме што повисоко во натпреварувањето и да го претставиме нашиот проект и нашиот град во најдобро светло. Проектот го реализираме самостојно, како тим од три ученички, во рамките на натпреварувањето „Средношколец милионер“, велат Милица, Ева и Софија.

Една од главните функции на апликацијата е што ќе има можност за фотографирање или скенирање на фискална сметка, со што цените ќе се внесуваат во системот и ќе се ажурира базата на податоци. Цените ќе бидат означени со датум и извор, за корисниците да имаат точни и проверливи информации.
„Целта на „Цена на дланка“ е да им помогне на граѓаните да трошат помалку, да купуваат попаметно и полесно да го планираат семејниот буџет. Платформата ќе започне со основни прехранбени производи и производи за домаќинството, а потоа ќе се проширува со повеќе категории и продавници низ Македонија. Бизнис-моделот ќе се заснова на соработка со продавници, платени деловни алатки и јасно означени спонзорирани понуди, додека основните функции за споредување цени ќе бидат бесплатни за граѓаните.Нашата визија е секој граѓанин во Македонија, без разлика каде живее или колкав му е буџетот, да може да донесе подобра одлука при секое пазарување“, наведено е во официјалното претставување на идејата од младите иноваторки.
За да се реализира оваа идеја треба да добие поддршка од пошироката јавност, бидејќи се работи за натпревар на младите. Сите кои сакаат, можат да гласаат на официјалниот линк на натпреварот и да дадат поддршка на своите фаворити.
„Средношколец милионер“ е најголемиот натпревар од ваков тип во Македонија, организиран од Академиите за талентирани средношколци и „Бреинстер Некст колеџ“. Главната награда изнесува 1.000.000 денари, а ќе ја добие најдобрата идеја, според освоените гласови.