Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Бадник е последен и најстрог ден од 40-дневнот божикниот пост, но и ден на голема среќа, бидејќи е предвесник на најголемиот христијански празник – Божиќ, денот на Христовото раѓање.
Уште од самото утро на Бадник се слуша гласот на децата коледарчиња на кои им се делат колачиња, бонбони, јаболки, ореви... домот традиционално се украсува со дабово гранче како најиздржливо и највековито, кое ги симболизира здравјето и долговечноста, го слави животот и вечната среќа. Според преданијата, витлеемските пастири донеле токму дабови дрвја до пештерата каде се родил Богомладенецот и со нив запалиле оган во слава на Христовото раѓање.
По четириесетдневниот пост, пак, христовото раѓање се заокружува со посна вечера, а Бадник е празник на семејството и на овој ден не се оди на гости, туку сите треба да бидат во своите домови покрај најблиските. Вечерта целото семејство се собира околу бадниковата трпеза, која е празнична и богата. Се подготвуваат посна сарма, грав, компир, зелник, овошје, ореви и други посни јадења.
Највозбудливиот чин е крашењето на бадниковото лепче со паричка. Според традицијата, домаќинот го крши и дели празничното лепче. Првото парче е за Господ, второто за домот, а останатите за членовите на семејството. Оној на кој ќе му се падне паричката ќе биде среќен и благословен цела година, а останатите го даруваат со подароци. Откако ќе заврши вечерата масата останува нераскрената и ја симболизира “вечната вечера”.
Во лепчето со паричка некаде се ставаат и сламка од жито, „брстинка“ од дабовото дрво и зрно бел грав. Се верувало дека ако на млада невеста, штотуку омажена, и се падне сламката ќе има пород и ќе донесе бериќет во куќата, на оној што ќе му се падне брстинката значело дека ќе го следи здравје цела година, а додека белиот грав бил симбол на побогат род во годината.
Зборот Бадник доаѓа од старомакедонскиот збор да бидеш буден, да бдееш. Таа ноќ, сите останувале будни, и затоа Бадник се нарекува и будник.
Утредента се прославува Христовото раѓање со богата и мрсна празнична трпеза, а луѓето се отпоздравуваат со „Христос се роди-Навистина се роди!“