Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Средношколци од повеќе македонски училишта денеска отидоа да го честитаат Бајрам на своите врсници во албанските паралелки од економското училиште “Перо Наков“ .
Гостите ги пречека богата празнична трпеза со традиционални јадења баклава и јагнешко печење за Курбан Бајрам, кои учениците ги подговиле со помош на родителите.
Целта е да се запознаеме подобро, да се дружиме, да имаме повеќе идеи. Јадењата се традиционални за Бајрам. За Бадник ние бевме кај македонските ученици, бевме во црква, лани бевме во џамија, но оваа година решивме овдека да биде средбата - изјави Мирлинда Реџепи, координатор.
Пред присутните се обрати и директорот на “Перо Наков“, Момчило Антевски кој на припадниците од исламска вероисповед им го честиташе празникот Курбан Бајрам.
Тука сме да го овозможиме овој проект кој трае трета година. Проектот е за запознавање на култури, обичаи. Ние сме различни по религија, но сме посилни бидејќи сме заедно, се почитуваме едни со други. Мислам дека овој проект ќе продолжи во уште подобра насока - рече Антевски.
На настанот беше присутен и оџа од кумановското муфтинство кој зборуваше за значењето на празникот Курбан Бајрам. Тој објасни дека преку курбанот верниците се доближуваат до Господ, а празникот поминува во знакот на солидарноста и почитувањето меѓу луѓето.
Денешната посета на албанските паралелки од “Перо Наков“ е дел од проектот “Безбедни училишта“ кој се реализира со СВР Куманово и ОБСЕ. Мотото на проектот е “Спречи насилство за безбедна иднина“.