Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Можноста за користење на бесплатна правна помош за лицата од ранливите категории и пристапот до граѓанска регистрација беше промовирана на информативна сесија во Кружната сала на Комитет.
Паралелно беа поставени штандови во најфреквентните делови во центарот на градот со цел граѓаните да се информираат како да пристапат до правната помош, каде да се обратат и за какви правни прашања.
„Идејата е што е можно повеќе да ја зајакнеме свеста кај граѓаните на Куманово и да ги информираме за бесплатна правна помош, се со цел овој инструмент што повеќе да се користи. Бесплатната правна помош навистина помага, особено на оние кои поради финасиска немоќ не можат да си дозволат да ги остварат своите права и слободи. Воедно ова е дел од серија на активности во повеќе градови во Македонија“, истакна Ирена Цуцуловска Јакимовска, раководителка во Програмската канцеларија на Совет на Европа во Скопје.
Недостигот на лична документација е сериозен проблем, посебно кај ранливите категории.
„Во моментов имаме 158 активни случаи на лица во ризик од без државјанство. Нашето здружение веќе 15 години работи на ова прашање, особено кај ромската заедница. Недостигот на документи значи недостапност до основни права. Овој проект не само што обезбедува правна помош, туку и подига свест кај граѓаните и институциите“, рече Александра Ефремова, од Македонското здружение на млади правници.
Фросина Стевановиќ од Подрачното одделение на Министерството за правда во Куманово објасни дека граѓаните кои немаат средства, а имаат правен проблем, можат да се обратат кај нив.
„Секојдневно работиме со различни случаи – од семејни односи, имотни и доверителски односи, до жртви на семејно насилство. На месечно ниво примаме околу 10 барања просечно, а годишно околу 70“, нагласи Стевановиќ.
Настанот е дел од заедничка иницијатива на Проектот за консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош и проектот „Интеграција на Ромите 3“, кофинансирани од Европската Унија и Советот на Европа, и имплементирани од Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје во соработка со Министерството за правда - подрачно одделение во Куманово и Македонското здружение на млади правници.