×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Без канализација и асфалт, живот во 21 век во „Пармакови ниви“ (видео)

    09.05.2023 19:48 | Сузана Николиќ

    Жителите на „Пармакови ниви“ бараат Општина Куманово да им изгради канализациска мрежа и да им ги асфалтира улиците. Надлежните велат дека мора да почекаат да се донесе новиот ГУП.

    Стотина семејства од кумановската населба „Пармакови ниви“ со години чекаат да им се решат основните инфраструктурни проблеми, кои им создаваат сериозни проблеми во секојдневното функционирање и им го намалуваат квалитетот на живеењето. Иако се наоѓаат на само 1,5 километар од центарот на градот и се водат како дел од градското подрачје на улицата „Доне Божинов“, тие не се приклучени на јавната канализациска мрежа, а патот до нивните куќи нема асфалт. 

    „Вода имаме, канал немаме. Водата ја собираме во септички јами, но не сите се во можност да ги изградат, па ја пуштаат да тече по патот и во дворовите.  Немаме право да се лутиме, секој се снаоѓа колку може и како умее. Но, сите живееме во истата средина која не е чиста. Затоа бараме под итно да се најде решение за нашиот проблем, додека не се појави некоја зараза“, вели Сашо Стојановиќ, кој заедно со соседите ни ги кажаа нивните маки.

    Граѓаните кажуваат дека пред неколку години општината покажала интерес за решавање на нивниот проблем и ангажирала геометри за да ги испитаат можностите за изградба на мрежата. Стручните лица извршиле мерења по улиците, при што заклучиле дека најдобро е каналот да се постави во постоечката вада на државно земјиште кон улицата „Никола Тесла“, бидејќи тука растојанието до главниот вод е најкратко и постои природен пад на земјиштето. Но, оттогаш никој не се јавил, ниту ги известил што покажале испитувањата и какви се плановите.

    Револтирани од игнорантскиот однос, кажуваат дека општината преку јавното претпријатие им наплаќа услуга која што не им ја дава.

    „15 години во секоја сметка плаќаме надомест за отпадни води, а не сме приклучени на мрежата на фекалната канализација. Од "Водовод" ни пратиле да потпишеме договори во кои пак стои дека се согласуваме да плаќаме надомест за отпадни води. Па до кога ќе не крадат. Нема да го потпишеме, повеќето сме на истата мисла“, едногласни се жителите.

    Тие прашуваат зошто јавното претпријатие не им ги чисти септичките јами бесплатно, туку плаќаат по 3.500 денари за секоја интервенција. 

    Наместо по асфалт газат кал

    Голем проблем за овие жители е и тоа што кракот од  улицата „Доне Божинов“, кој води до нивните куќи нема асфлат. По раскопаните дупки едвај стигаат до дома и пешки и со автмобили. Кога врене се глават во кал, а лете се гушат во прашина. До нив тешко доаѓа и Брза помош, Пожарна или такси. Единствениот пат до нивните куќи, пак, дополнително го уништуваат и раскопуваат камионите и механизацијата што работат на изградба на железничката пруга Куманово - Бељковце, а тие се немоќни да ги спречат во тоа.

    „Пат немаме, викаме такси не сака да дојде. Не можеме децата да ги пратиме во училиште, никаде не можат да отидат сами. Во обврска сме постојано да ги возиме. Лош е патот, и сами гледате. Не е безбедно, и на местото каде што се прави пругата. Не дај боже кога ќе има жртви тогаш ќе се освестат. Нема никаква заштитна ограда, нема ништо, а камиони се секојдневно. А немаме каде да одиме и на кого да се жалиме. Пред извесно време ни ставија гребен асфалт, целосно го уништија и го разнесоа тешките возила“, вели Стефан Кипријановски.

    Со цел да дознаеме кога жителите на „Пармакови ниви“ ќе добијат канал и асфалт, и зошто со години наназад не се земаат во предвид нивните потреби, испративме прашања  до Општина Куманово. Оттаму одговорија дека проектите ќе се реализираат  откако ќе се донесе новиот Генерален урбанистички план (ГУП).

    „Мрежа за фекална канализација на ул.„Доне Божинов„ во населба „Пармакови ниви“ не може да се реализира се додека не се донесе нов Генерален урбанистички план (ГУП) и истиот не се усогласи со постоечките објекти. По решавање на ваквата ситуација ќе може да се изврши и асфалтирање на истата улица. Се надеваме, дека реализацијата на овие два инфраструктурни проекти ќе биде отпочната со донесување на нов ГУП“, стои во одговорот од Општина Куманово.

    Носењето на ГУП, пак, е сложена и долгорочна постапка, на која општината работи моментално, но не се очекува да биде донесена и усвоена набргу. Од друга страна, жителите ја потсетуваат локалната власт дека не секаде во општината е решен проблемот со урбанистичката документација, па се инвестира.

    „Барем патот да ни го направат. Велат каналот бил голема инвестиција, барем ова. Секаде направија. Од Сопот до Табановце, Четирце, Речица, сите ликовски села, а ние центар на градот ништо немаме. Единствено пред избори доаѓаат политичарите. Само контејнери добивме. Немаме никави услови за живот. Гледате и самите. Вчера сами ги полневме дупките, ама тоа е до првиот дожд“, велат жителите Емин Салиху, Фериз Мурати, Сашо Стојановиќ и Стефан Кипријановски.

    Населбата „Пармакови ниви“ почнала да се гради во 70-години на минатиот век, а куќите биле дивоградби кои во меѓувреме се легализирани. Сега има стотина домаќинства со околу 4000 жители, со мешан етнички состав. Тука заедно живеат Македонци, Албанци, Срби, Роми и тврдат дека беспрекорно функционираат, но се чувствуваат како да се граѓани од втор ред од односот на локалната власт. 

    „Наш проблем е што сме единствени, што се почитуваме и живееме заедно. Да бевме етнички чисти, некоја од партиите ќе се зафатеше за гласови и ќе ни го решеше проблемот“,  вели  Фериз Мурати.  

     
     
    Единствено што имаат овие граѓани е училишниот превоз за нивните деца, за кој едвај се избориле, а сите останати придобивки на урбаното живеење во овој момент за нив е многу далечно. Немаа дури ни продавница, па затоа се поголем број на млади луѓе се иселуваат и иднината ја гледаат во уредените градови и држави.

    Без канализација и асфалт, живот во 21 век во „Пармакови ниви“ (видео)