Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Дали граѓаните од април ќе плаќаат двојно поскапа вода и дали градот ќе има редовно водоснабдување, зависи од одлуката на Советот на општината кој во моментов се уште расправа по овие прашања.
Состојбата со водоснабдувањето во градот се најде на дневен ред откако Куманово остана без вода за новогодишните празници поради нерегулирани односи помеѓу водостопанските претпријатијата и политичко препукување на директорите. Тие си ја префрлаа вината и на денешната Седница, но овојпат подржани од советниците од нивните политичка опција.
Директорот на Водостопанство „Кумановско-липковско поле“, Дејан Божиновски, побара зголемување на цената на вода од 2,2 на 4,2 денари за м3 со образложение дека цената не е променета од 1973 година и со сегашната цена претпријатието не може нормално да функционира.
Барањето го отфрли директорот на „Водовод“, Виктор Божиновски, објаснувајќи дека доколку се зголеми цената на сировата вода, тоа ќе падне врз грбот на граѓаните, кои и онака плаќаат најскапа вода во државата од 35,1 денар по м3.
Градоначалникот Зоран Дамјановски веќе имал средба со министерот за земјоделство и водостопанство од каде му било речено дека за надминување на проблемот цената на водата мора да биде повисока.
Доколку советниците ја изгласаат одлуката за зголемување на цената, физичките лица ќе плаќаат 8 денари повеќе за м3 вода и наместо сегашните 37,5 денари, водата ќе изнесува 45,5 денари за метар кубен.
Генерално советниците се согласуваат дека политиката замешала прсти во проблемот со водоснабдувањето и скоро сите се единствени дека проблемот треба што побрзо да се реши во интерес на граѓаните.