Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Следната недела ќе започне лицитацијата на парцелите во зоната во Речица и кај касарната “Христијан Тодоровски - Карпош“ на која треба да никнат нови стопански субјекти.
По тој повод градоначалникот Зоран Дамјановски денеска на локалните бизнисмени им ги престави условите и можностите за инвестирање во економската зона.
Ќе бидат понудени вкупно 11 парцели на двете локации. Почетната цена ќе биде едно евро за метар квадратен, а инвеститорите ќе треба да платат 0,5 отсто комуналии. Градоначалникот најави дека предност им се дава на домашните стопанственици кои треба да помогнат за подобрување на економската состојба во градот.
Лицитацијата почнува од понеделник на првите 11 парцели од кои 5 се во атарот на Речица и 6 се кај касарната , а останатите 45 парцели ќе бидат лицитирани секој месец до месец ипол зависно од интересот на граѓаните кои ќе сакаат да инвестираат. Цената е едно евро од квадрат со 30 отсто депозит од вкупната цена. Треба да се гради како што е по Детален урбанистички план,нема пренамена на земјиштето, а ако не се почитува договорот за 3 години тој е ништовен и се оди повторно на лицитација. - вели Дамјановски.
Општината треба да обезбеди соодветна инфраструктура до парцелите, а инвеститорите за парцели до 5000 квадрати треба да почнат со работа за период од 3 години, додека за поголеми површини рокот за градба и отпочнување со работа е 6 години.
Бизнисмените велат дека условите кои се нудат се поволни, а парцелите се идеални за мали и средни претпријатија.
Земјиштето е атрактивно. Блиску е до градот, не се големи парцелите. Ако нема некоја конкуренција, според моја проценка ако бизнисмен поднесе барање и притоа само тој аплицирал, за 1 евро тоа ќе биде навистина добра работа - рече Борис Трајковски, советник во “Штуз“.
Останатите велат дека ваква понуда со ефтино земјиште и поволни комуналии одамна им била потребна на локалните бизнисмени.
Јас сум оптимист за оваа идеја да заживее една, па и две - три зони. Куманово како голем индустриски гигант од минатото мора од некаде да почне. Имаме добра бизнис заедница со сериозно учество на пазарот во нашата држава. Со развој на оваа зона која е во непосредна близина со границата со Република Србија имаме одлична географска позиција за една економска зона - изјави Бобан Спасовски, сопственик на „Де Лукс“.
На презентацијата присуствуваа триесетина бизнисмени, а според некои проценки со лицитирање на парцелите и изградба на капацитети ќе се отворат 2000 нови работни места.