Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Центарот за култура “Трајко Прокопиев“ утре ќе одбележи 104 години од раѓањето на патронот.
По тој повод ќе се одржи концерт на Хорско музичко друштво “Кочо Рацин“ од Скопје, во 19.30 часот во малата сала.
Трајко Прокопиев е роден на 06.11.1909 година во Куманово. Дипломирал на Музичката школа во Белград во 1934 година, а потоа станува прв директор на Средното музичко училиште во Скопје во 1944 година. Тој продолжил со школувањето на Прашкиот конзерваториум во 1946 - 1947 година. Работел како началник на музичката програма на Радио Скопје и диригент на Симфонискиот радио оркестар, а во 1948 година како диригент на Хорот “Кочо Рацин” ја добива наградата на Министерството за просвета и култура за композицијата “Ленка”. Од 1949 до 1959 година работи како оперски диригент, диригирајќи повеќе оперски изведби (“Продадената невеста” од Сметана, “Трубадур” и “Риголето” од Верди, “Севилскиот бербер” од Росини и балетот “Копелија” од Делиб). Во 1963 година станува директор на Ансамблот на народни песни и игри на Македонија и во тој период ќе се сретне со Шостакович во Ленинград. Во 1967 година ја добива Октомвриската награда на Република Македонија за животно дело, а во 1969 година со хорот “Кочо Рацин” ја освојува првата награда на ВИИИ Интернационален фестивал на хорови во Горица, Италија. Во 1975 година се пензионира, а во 1977 година ја добива наградата АВНОЈ за музика. Оркестрацијата за операта “Кузман Капидан” ја завршува во 1978 година, а во 1979 година година умира во Белград.