Чевларите го слават Свети Спиридон
Денеска е Свети Спиридон и чевларите од градот како и секоја година ќе го прослават овој празник.

Некои од фирмите за производство на чевли ќе слават на работа, а некои во ресторан.
Свети Спиридон е заштитник на чевларите. Ние сме фирма со 80 вработени и на крајот на работното време ќе прославиме, а вообичаено фирмите кои слават сечат и колач во црква - велат од чевларска фирма во градот.
И во другите фирми велат дека сечат колач за здравје, среќа и успех во работата.
Ние вечерва во ресторан ќе го славиме празникот. За сите вработени ќе има подарок по еден пар чизми, а имаме 60 вработени - велат од друга фирма.
Свети Спиридон воедно е слава и на Гимназијата “Гоце Делчев“ во Куманово.
Светецот е роден на островот Кипар, во сиромашно семејство и е познат по тоа што помагал на бедните луѓе. Со Божјата сила покажа големи чуда: го запре текот на реката, воскресна неколку мртовци, го исцели царот Констанс од тешка болест, ги виде и ги слушна ангелите Божји, проѕираше во тајните на човечките срца, многумина обрати во вистинската вера. Учествуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и со своето јасно исповедање на верата, голем број еретици ги врати во Православието. Кога еднаш беше поканет од царот и сакаше да влезе во царскиот дворец, војникот мислејќи дека е некој просјак му удри шлаканица, а Спиридон му го заврти и другиот образ. Се упокои во Господ во 348 година, а неговите чудотворни мошти сега се на островот Крф.