Чистењето на расфрланиот отпад вo Североисточниот регион ќе започне во септември

31.08.2021 12:35 | KumanovoNews

По неколку одложувања на почетокот на работите, во септември треба да започне чистењето на нестандардните општински депонии и ѓубриштата што се лоцирани во Источниот и Североисточниот плански регион, информираат за „Мета.мк“ од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Чистењето на расфрланиот отпад вo Североисточниот регион ќе започне во септември

Во моментов се вршат подготвителните активности за расчистувањето на отпадот и рекултивација на локациите, додека целокупниот проект е предвидено да трае една година.

Отпочнувањето на проектот следи откако на владината седница одржана на 19 јули беше донесена одлуката за затворање на дивите депонии и ѓубриштата во 18-те општини од Источниот и Североисточниот регион. Со самиот проект, во првичната фаза опфатено е и чистењето на над триесетина диви ѓубришта, кои се создадени од несовесните граѓани во изминативе години.

Целокупниот процес на чистење и рекултивирање на локациите преполнети со отпад ќе чини околу 10 милиони евра. По отстранувањето на отпадот, јавните комунални претпријатија на секоја од 18-те општини ќе добијат јасни ингеренции за одржување на овие локации, за што се потпишани и договори со нив. Локациите ќе бидат оградени, а овие претпријатија ќе мора еднаш годишно да вршат мониторинг на квалитетот на подземните води и визуелна проверка на теренот, како и да го одржуваат каналот за атмосферски води на затворената локација. Ќе треба два пати годишно да вршат сечење на тревата и топографско набљудување во однос на слегнување на телото на депонијата и стабилноста на прекривката.

По осмата година од затворањето на депонијата, општините преку јавните претпријатија се должни еднаш годишно да продолжат со мониторингот на подземните води и топографското набљудување на депониите.

Инаку, чистењето на нестандардните општински депонии и ѓубриштата во овие два плански региони требаше да започне уште во март годинава, но постапката се одложи поради изборот на компаниите што треба да го вршат надзорот над работите.

Затворањето на депониите и ѓубриштата во Источниот и Североисточниот плански регион ќе се одвива во две фази. Во Источниот регион се регистрирани вкупно 12 несоодветни општински депонии и 72 диви ѓубришта, додека во Североисточниот регион има вкупно шест нестандардни општински депонии за чистење и 32 диви ѓубришта.

2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk