„Чистота и зеленило“ доби возило од УНДП
Јавното претпријатије „Чистота и зеленило“ доби возило фиат дукато од УНДП.

Возилото чини околу 20.000 долари и ќе служи за транспорт на луѓе и алати за работа. Градоначалникот Зоран Дамјановски се заблагодари на постојаниот претставник на УНДП, Лујза Винтон за донацијата и рече дека како град кој се соочува со бегалска криза, Куманово го сервисира бегалскиот камп на Табановце и има потреба од едно вакво возило.
Во наредниот период очекуваме уште неколку донации пред сè од Јапонската влада, од Европската комисија, имаме најава по распределба на фондот на парите да добиеме конкретни машини и садови за смет, прочистување на отпадните води, односно носење на отпадните води од шахтите и она што е потребно за тековно одржување на повисоки стандарди здравствени пред сè на овој бегалски камп - кажа Дамјановски.
Винтон објасни дека денеска Обединети нации на светско ниво го одбележуваат вторник, денот на кој нешто се дарува. Целта е сите заедници да се охрабрат да донираат.
Знаеме дека Куманово и Гевгелија понесоа голем терет овие месеци и сакам да им се заблагодарам, на градоначалникот, неговиот тим и на сите граѓани за нивната великодушност по ова прашање. Една од областите каде општината требаше да вложи голем напор е токму справувањето со отпад и токму затоа мислиме дека ова е добар момент - изјави Винтон.
Винтон рече дека ѝ е голема чест што е повторно во градот, што може да донира за Куманово кое го смета за свој втор дом.