Црквата „Свети Никола“ во Куманово го слави патронот и 174-годишниот јубилеј
Во црквата „Свети Никола“ во Куманово денеска се одбележа патрониот празник на заштитникот на немоќните, сиромашните и патниците, како и 174-годишниот јубилеј од изградбата на овој соборен храм.
Во чест на големиот празник, во црквата се собраа бројни верници и граѓани, а Кумановско-осоговската епархија одржа свечена архиерејска божествена литургија.
Црквата „Свети Никола“ е еден од најстарите објекти и соборна црква на градот Куманово. Според датирањето, таа припаѓа на преродбенскиот период и е единствена на Балканот во која е опфатена последната фаза од средновековната црковна архитектура.
Денешната црква е изградена во 1851 година врз темели на постара и помала црква, која била еден метар под нивото на земјата и во која се влегувало преку девет скали. Нејзин градител е прочуениот мајстор Андреја Дамјанов од Папрадиште. Храмот поседува и богат живопис во куполите, каде се претставени големите христијански празници, како и иконостас изработен од познати македонски зоографи од 19 век, меѓу кои и Дичо Зограф и Андреја Дамјанов Папрадишки.
Црквата е заштитена како споменик на културата, а меѓу кумановци е позната како Стара црква – заштитник на градот. Овој назив го носи бидејќи врз нејзините темели била изградена друга црква. Тоа било време на борби за превласт меѓу црковните власти – од една страна српските и грчките патријаршии, а од друга бугарските егзархисти, кои не можеле да се договорат кому ќе ѝ припадне црквата, па во неа служеле наизменично.
Празникот посветен на Свети Никола го одбележуваат голем број кумановци, кои го празнуваат како крсна слава или именден и тој е меѓу најмасовните домашни слави. Станува збор за посна слава, а на трпезата задолжително се наоѓаат посно гравче, посна сарма и риба.