×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Црквата во Матејче културно наследство во опасност

    24.09.2018 09:38 | KumanovoNews

    Управата за заштита на културно наследство (УЗКН) ќе побара црквата „Света Богородица“ во село Матејче да биде прогласена за културно наследство во опасност, за да се спаси од целосно пропаѓање.

    Црквата во Матејче културно наследство во опасност

    Директорката Елеонора Петрова-Митевска, вели дека мора да се зголеми грижата за еден од најзначајните објекти во Република Македонија, бидејќи  e тажно ваков значаен споменик на култура да се наоѓа во ваква очајна состојба.

    „Ваква грандиозна и велелепна архитектура може да се спореди само со црквата „Света Софија“ во Охрид. По нашата посета, ние ќе го обновиме барањето за прогласување на оваа црква за културно наследство во опасност, а ќе направиме и иницијатива за алоцирање на одредени средства за локалната самоуправа. Кога ќе се прогласи за културно наследство во опасност значи зголемена грижа за објектот од институциите што се должни да водат грижа, перманентна посета и водење сметка дали сè е во ред. Како споменик на култура, од повеќе аспекти, да се заинтересираат сите оние кои можат да помогнат состојбата на оваа црква да се поправи, поради тоа што е навистина тажно ваков споменик на култура да биде во ваква состојба“, рече Петрова-Митевска.

    Од почетокот на годината црквата повторно била мета на вандали, па целосно се откорнати двете врати - јужната и западната порта, а скршени се речиси сите стакла на прозорци. Доколку во најскоро време не се поправат, атмосферските влијанија ќе направат дополнителни оштетувања на фрескоживописот, но и на самиот објект.

    - По 2001 година направена е сериозна конзервација и црквата е доведена во состојба во којашто можеше да функционира, меѓутоа сега недостатокот на портата и искршените стакла овозможуваат климатските промени да делуваат на нејзино уништување. Црквата е изградена 1362 и за нас е од особена важност да ја сочуваме барем во состојбата во која е сега, бидејќи не можеме да го вратиме во периодот од пред дваесетина години“, рече Петрова-Митевска.

    Директорката додава дека дошле во Матејче не само да направат увид во состојбите, туку да го подигнат нивото на видливост на проблемот.

     Јасмина Зисовска, советник-инспектор за културно наследство во Управата, кажува дека некогаш овој објект и самата црква „Света Богородица“ во Матејче важеле за најзаштитени и најконзервирани во Македонија, но сега состојбата е поинаква, поради што е неопходна повторна конзервација.

    Повеќе години како го посетувам манастирот постојано наоѓам нови состојби. Сега има оштетувања на вратите и храмот останува незаштитен од влезовите. На покривната конструкција на црквата попуштило оловото, што значи дека при дождови протекува и ќе направи дополнителни проблеми и штети во внатрешност. Во објектот има видлива влага, која доаѓа од надворешните влијанија, но самиот објект е во доста добра состојба, - објаснува Зисовска.

    Фрескоживописот во црквата е карактеристика на 14 век и е од извонредно значење, бидејќи на десниот ѕид е насликан ктиторот цар Душан, потоа кралицата Елена и малиот Урош. Кога е подигната црквата веднаш потоа Душан умира, а по неговата смрт, неговата сопруга Елена и неговиот син Урош ја доградиле и живописале. Црквата „Света Богородица“ во Матејче во себе го содржи најголемиот насликан ансамбл од 14 век на македонската територија и е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва и ремек-дело на дворскиот стил кој што бил карактеристичен за епохата на Палеолозите. И покрај сите премрежиња, црквата и денеска му пркоси на времето.

    Комплексот „Света Богородица“ со конаците и детското одмаралиште над селото Матејче во Општина Липково на Скопска Црна Гора, беше омилено место за посета на кумановци. Во воениот конфликт во 2001 голем дел од црквата беше уништен, а фреските оштетени. Последните години црквата се посетува само за празникот Мала Богородица на 21 септември.

    На годинашаната прослава градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски најави дека преку североисточниот регион ќе иницира проект за изградба на патот во должина од 12 километри, како и обновивање на конаците за туристички цели.

     - Манастирот е на територија на Општина Липково. Еднаш разговарав со колегата и имаше интерес од негова страна, но тоа може да се реализира исклучиво со ангажман на државните надлежни институции, МПЦ, Општина Липково и Североисточниот плански регион. Да се обидеме да изнајдеме потенцијални инвеститори, кои што би влегле со инвестиција во обновување на сместувачките капацитети. Она што е за поздравување е ваквата иницијатива, благодарен сум на присутните што се согласија следната година да го преземам кумството и да учествувам во одбележување на овој настан, заедно со другата кума. Се надевам дека следната година присуството и бројот на луѓето ќе биде уште поголем и на тој начин ќе го привлечеме вниманието за локалитетот и на оваа наше свето место повторно му го вратиме сјајот, - изјави Димитриевски.

     И посетителите на прославата на Мала Богородица беа едногласни дека манастирот мора да се возобнови и да се стави на туристичката карта на регионот, поради својата грандиозност и велелепна архитектура, но и недопрената природа и извонредната местоположба од која се пружа глетка на целиот регион.