Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општинската организација на Црвен Крст Куманово синоќа во Центарот за култура “Трајко Прокопиев“, организираше поетско читање со кое промовираше хумани вредности.
Пред публиката волонтери, ученици , поети читаа поезија на македонски и на албански јазик. Целта е преку ова поетско читање да се испрати порака за ненасилство, толеранција и соживот.
По повод “Црвен Крст во акција“ се организираат поетски читања за да се заврши онаа работа од претходно. Преку ова поетско читање сакаме да испратиме порака за ненасилство, толеранција, за интеркултурно општество, за соживот меѓу граѓаните - вели Сања Росевска, организатор на поетското читање.
И организаторот и десеминатор Мирлинда Реџепи вели дека веќе две години работи како волонтер во Црвен Крст и направиле повеќе проекти за доброто на граѓаните и општеството.
Собравме пари и направивме бања на едно сиромашно семејство. Мислам дека е малку, ама ја вративме насмевката на тие луѓе. Ова денеска е крајниот дел, да се финализира она што сме го направиле. Да покажеме на луѓето дека нешто сме направиле, не сме изгубиле време џабе. Да ги мотивираме младите повеќе да учествуваат на овие активности - изјави Реџепи.
Младите поети се претставија со свои лични творби на различни теми.
Мојата лична творба е со наслов Црвен Крст. Ме мотивираше да ја напишам песната, тоа што од Црвениот Крст научив да бидам похумана личност и сакав да покажам што правиме во Црвен Крст. Волонтер сум веќе 9 месеци - рече Христина Петровска, волонтер.
Неделата за промоција на хумани вредности трае од 21 до 27 септември, и по тој повод поетски читања се организираат во повеќе градови низ Македонија. Секоја година покрај обуката за дисеминација 1200 младинци од целата држава на возраст од 13 до 17 години, добиваат и обука како да изработуваат мали проекти за добро на своите заедници.