×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Да се асфалтира улицата 14 во Бабин Дол бараат жителите, Општината ветува брзо решавање на проблемот (видео)

    30.05.2023 11:52 | Оливера Пешевска

    Со години наназад жителите на улицата 14 во населбата Бабин Дол, чекаат Општина Куманово да се сети и да им ја асфалтира улицата.

    На оваа улица, која е долга 150 метри, има повеќе од 70-80 куќи со над 300 жители, кои имаа проблеми во секојдневното функционирање и не можат да излезат од своите домови затоа што е раскопанa и во дупки. Тие кажуваат дека кога ќе заврне едвај поминуваат и пешки, а камоли со автомобили, а во лето се гушат во прашина. 

     „Јас сум стара, имам 76 години и дедото ми е болен. Еве, се гледа колку дупки има и колку е оштетен патот. Брза помош не доаѓа, такси не може да се искачи. Ние сме стари луѓе, болни. Се пешки одиме до доле. Сама одам да пазарам, нема кој да ми помогне. И децата избегнуваат да ме послушаат да одат до продавница да ми купат нешто што ми треба, и нив им е мачно по оваа раскопана угорница“, вели Мира Христовска, жителка на улицата.

    И нејзините соседи потврдуваат дека сериозен проблем за ние што не можат да добијат медицинска помош во тешки ситуации со здравјето. Едноставно, возилата не доаѓаат до нивните куќи.

    „Еве, тука, жената почина додека да дојде Брза помош. Друга сосетка која одеше на дијализа мораа на раце да ја симнуваат и качуваат до главната улица, затоа што комбето им било ново и имале наредба да не возат по пат како нашиот, да не го кршат. Пред некој ден мојата сопруга се сопна на дупка, сега лежи дома во гипс и со болки“, објаснува Далибор Насковски.

    Населбата Јане Сандански е проширена и веќе е споена со населбата Зелен Рид, па жителите сметаат дека се веќе дел од градот. Сите куќи од улицата 14 се легализирани, редовно плаќаат данок, имаат вода и канализација. Само немаат пат и тоа е единственото нешто што го бараат.  Велат дека сите партии што доаѓаат пред изборите се фаќаат токму за патот и ветуваат дека ќе го направат, но досега никој не го исполнил ветувањето.

    „Ветуваат, а не сакаат ни летно време да дојдат до пред куќа, а не во зима или кога е врнежливо и целата улица е кал. Дупките ги пополнуваме кој со што ќе стигне, кршиме цигли, цреп од ќерамиди. Секоја година си плаќаме редовно данок,а патот никој не ни го прави. И такси ќе платиш и ќе те остави долу на главната улица, пак носиш на раце се што си испазарил. И за изнесување на смет доаѓаат еднаш неделно, па прашајте ги и нив како доаѓаат до тука“, револтирана е Веселка Петровска.

    Жителите бараат да им се направи цела улица до крај, а не само до чаталот. Кога се обратиле до општинските служби им било посочено дека не можат да интервенираат затоа што е патот е во сопственост на приватно лице, односно земјиштетно не било отуѓено и префрлено на име на државата или општината.

    „Патот се водеше на име на сопственикот од кого се купени плацевите. Во општината ни кажаа дека треба да го отуѓиме од лична во државна сопственост, со што станува јавна површина. Ни ветија дека кога тие формалности ќе се средат, ќе се асфалтира патот. Завршивме со процедурата пред околу 6 месеци, но никој не презема никакви мерки, немаме никаков одговор. Инаку, во целата населба Бабин Дол ,само улицата 14 е отуѓена“, тврди Насковски.

    Кумановоњуз контактираше со општинските служби од кои побара одговор за проблемите на граѓаните од оваа улица. Тие информираа дека се планира санација и асфалтирање на посочената улица за која веќе се изработува проектна документација .

    „Секторот за комунални работи, инфрастуктура и сообраќај и заштита на животната средина и природата има порачано изработка на техничка документација за горенаведената улица. По завршување на целосната постапка, во најбрз можен рок ќе бидат преземени конкретни чекори за надминување на проблемот со кој се соочуваат граѓаните од улица 14, во населбата Бабин Дол“, стои во одговорот од надлежните служби во општината.

    Да се асфалтира улицата 14 во Бабин Дол бараат жителите, Општината ветува брзо решавање на проблемот (видео)