×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Да се стопира бетонизацијата на стариот градски парк, бараат екологистите

    12.09.2022 12:37 | Сузана Николиќ

    Еко-активисти и невладини еколошки организации бараат од Општината под итно да престане со бетонизација на стариот градски парк во Куманово.

    Да се стопира бетонизацијата на стариот градски парк, бараат екологистите

    Тие сметаат дека единствените зелени оази во градот не смеат да бидат покриени со асфалт и бекатон плочки, туку треба да се уредат во согласност со природата. Неколку граѓански организации веќе поднеле барања за прекин на асфалтирањето на градскиот парк до службите на Општина Куманово, исто како што беше случајот во градот Скопје.

    „Со асфалтирањето и бекатонизирањето на зелените површини, поставување на нефункционална урбана опрема воопшто не допринесуваме за подобрување на стандардите на квалитетно живеење, за чистиот воздух кој понекогаш воопшто и го немаме во градот, а и со самото тоа ја отежнуваме борбата кон климатските промени која очигледно од ден за ден е се поочигледна и сите ја чувствуваме по нашето здравје. Земјата е жива материја и како секој друг жив организам треба да дише слободно за да биде жива, а не да се задушува со не еколошки материјали“, вели м-р Драган Чунгурски, долгогодишен еко-активист и поборник за здрава и чиста животна средина.

    Тој додава дека по примерот во развиените земји, и во нашите проекти можат да се применат иновативни решенија со кои човечкиот фактор нема директно да влијае на животната средина и на чистата околина, а тие се далеку поевтини, поедноставни и поеколошки. 

    „Сите сме свесни дека бројот на возила во Куманово се трикратно зголемени за последните 20 години, од тоа што како сообраќајни планови на градот некогаш го проектирале, но недозволиво е да зафаќаш зелени површини за да изнајдеш некакво сообраќајно решение. Нешто слично ни се случи пред некоја година за реконструкција на културно-историскиот споменик Соколана, каде што е предвиден паркинг простор на околу 3000 м2 за 20-30 возила, наместо проширување на самиот Соколански парк кој граничи со овој локалитет. Знаејќи го менталитетот на нашите сограѓани, овој паркинг простор најчесто ќе го користат околните станбени објекти и жителите од тој регион. Мора конечно сите да сфатиме дека на Куманово му треба поголеми зелени површини и повеќе паркови“, категоричен е Чунгурски.

    Екологистите потсетуваат дека пред неколку години беше исечена шума на спомен-костурницата во Куманово за да се направат спортски игралиште. Ни тогаш, како ни сега не се консултираше јавноста ниту експерти за животната средина.

    „Нештата можат да бидат едноставни и економско оправдани, но јавното мислење и вклучувањето на граѓанските организации во носење на одлуки за потребите на заедницата треба да се стави како приоритет, а воедно и за спроведување на било каква акција или план. Револтот на граѓаните на Општина Куманово, кои го изразуваат преку социјалните мрежи изминатите денови е доволен показател дека започнатите активности под итно треба да се стопираат и самиот проект да претрпи соодветни измени во однос на еколошките стандарди“, смета нашиот соговорник.

    Напредни општини кои се препознатливи како Eco-friendly градови користат исклучиво еколошки материјали за инфраструктурни проекти со соодветна дренажа и хортикултурно уредување. Примери се уредени градски паркови во нашите збратимени градови Бања Лука или Јагодина, но и многу други светски и европски метрополи.

    Последниот збор во однос на бетонизацијата на стариот градски парк го има Советот на Општина Куманово, тие со законски издржана и експедитивна одлука можат да спречат поголема штета, но и да покажат заедно со општнското раководство колку им е битно јавното мислење.

     Асфалтирање на пешачките патеки во стариот градски парк, започна минатата недела, а предходно е изграден и паркинг простор кој е поплочен со бекатон. На сметка на тоа намалено е зеленилото во единствената уредена јавна површина во овој дел на градот. 

    Реконструкцијата на градскиот парк започна во март и требаше да заврши во септември годинава, но поради измена на проектот и обезбедување на дополнителни средства реализацијата задоцни.

     Вкупната вредност на проектот сега е 220 илјади евра, откако првичната вредност на целата инвестиција изнесуваше 11,22 милиони денари (околу 180 илјади евра), а парите ги обезбеди Биротот за регионален развој и Министерството за локална самоуправа од програмата за рамномерен регионален развој за 2021/2022 година. Доплнително Општината обезбеди уште 2,3 милиони денари (околу 38 илјади евра) заради изградба на ивичници, бекатон, шахти, кои не биле предвидени првично во проектот.