Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во националните медиуми деновиве беше изнесен податокот дека скопските и кумановските пазари се најскапи во државата.
Оние кои продаваат на тезгите на двата кумановски пазари не се согласуваат со ова тврдење, но граѓаните сметаат дека информацијата е точна.
Навистина е многу скапо. Летото дојде, а ние уште купуваме по пола кило пиперки и патлиџани, колку да не сме без ич. Други години ова време биле по 20-30 денари и сме купувале по неколку кила- велат граѓаните.
Пазарџиите признаваат дека има разлика во цените на пазарите, но тие биле мали.
Само струмичкиот, кавадаречкиот и неготинскиот пазар се многу евтини. Од нашите цени, нивните се за 30 , па и за 40 денари пониски. Во Крива Паланка цените на овошјето и зеленчукот се како нашите или тука некаде, бидејќи и тие ги набавуваат од исто место како нас - велат продавачите.
Пазарџиите велат дека скопските пазари се поскапи бидејќи во главниот град и стандардот на населението е повисок.
Ние сме евтини, а купувачи нема. Само бананите, доматите и пиперките држат цена. Бананите се 70 денари, доматите се 80 денари, а пиперот се движи од 70 до 90 денари. Доставувачите и на двата пазара се исти, но нашиот пазар е за нијанса поскап бидејќи ние количински земаме помалку роба. Удел во формирање на цената на производот има и сумата која ја плаќаме за закуп на тезга, па плаќаме за струја, за чувар - додаваат продавачите на Зелениот пазар на улицата „Октомвриска револуција„.
За овие тезги продавачите плаќаат по 52 евра месечно. Пазарот има 150 тезги и е отворен до доцна навечер, односно до полноќ во летниот период.
Другиот зелен пазар кој се наоѓа на улица Трета МУБ е тројно поголем, со трипати повеќе тезги и е малку поефтин. На овој пазар има поголема потрошувачка на овошје и зеленчук.
Јас лично си купувам од пазарот блиску до Кејот бидејќи ми е блиску до дома. Цените се повисоки за разлика од другиот пазар. Малку се скапи пиперот и патлиџанот засега, инаку во Скопје е многу поскапо , тоа сум забележала - вели домаќинка од Куманово.
Сепак од она што го видовме на пазарите се заклучува дека цените на овошјето и зеленчукот се високи за овој период од годината, и затоа има помалку купувачи од вообичаеното.