Дарко Тодоровски доби руска стипендија
Оперскиот пејач Дарко Тодоровски од Куманово доби стипендија на Музичкиот конзерваториум во Москва, Русија.

Тодоровски стипендијата ја доби по учеството на меѓународниот натпревар „Романисијада„ во Москва на која бил избран меѓу 12- те од 500 пријавени оперски пејачи од Европа и Азија. Пред да замине во руската престолнина, учествувал на Балканската романсијада, која се одржала во Софија.
„За еден млад уметник ова е шанса и прилика која што ретко се добива и затоа не би требало да се испушти вакво нешто. Јас сум премногу среќен и премногу благодарен што сосема случајно се пријавив на тој натпревар и спонтаноста е таа што ги прави најубавите работи во животот. Стигнав до тоа да бидат добитник на стипендија за студии на еден од најпрестижните универзитети, Музички конзерваториум во Москва. Студиите официјално почнуваат од септември и мислам дека ќе траат временски 3 до 4 години како сите нормални студии. Во март заминувам на едно кратко патување во Москва поради административни работи и здравје боже во септември се преселувам“- рече Тодоровски.
Дарко е единствениот и прв оперски пејач од Македонија што учествувал на натпреварот, кој се одржува 19 години по ред, а учествуваат пејачи од Европа и Азија.
Тој вели дека младите во земјава покажуваат се поголем интерес за следење на оперски концерти што му е посебно драго. Тодоровски летово ќе настапи во Приштина во претставата „Волшебната флејта“, а моментално е ангажиран како професор по пијано и соло пеење во приватно училиште во Куманово.
Тодоровски на јавноста и е познат и како манекен на модните агенции.