Деца пеат песна за Максим Димитриевски на хуманитарен концерт, СДСМ обвини за политичка злоупотреба (видео)
СДСМ обвини дека деца од кумановско училиште биле злоупотребени за политички цели, откако на хуманитарен концерт пееле песна посветена на градоначалникот Максим Димитриевски.
„Во основното училиште „Кочо Рацин“ во Куманово, каде што работи сопругата на Максим Димитриевски, како и претседателката на Советот на Куманово, Ивана Георгиевска, исто така од ЗНАМ, била организирана т.н. „хуманитарна акција“ од страна на Советот на родители. Наместо вистинска хуманост, на настанот биле злоупотребени децата и принудени да ја пеат песната од изборната кампања на Димитриевски“, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека ова претставува класична злоупотреба на деца за политичка промоција, спротивна на законите и грубо кршење на нивните права, поради што бараат итна институционална реакција од сите надлежни органи – Државниот просветен инспекторат, Министерството за образование и наука и Комисијата за заштита на правата на детето.
„Член 12, став 4 од Законот за заштита на децата, строго забранува злоупотреба на децата за политичко организирање и дејствување. Бараме утврдување одговорност и соодветни санкции за сите инволвирани. Децата не смеат да бидат алатка за политички цели“, велат од партијата, која сподели видео од настанот.